Три хектари земјоделско земјиште засеано со пченка и други земјоделски култури се уништени од пожар во атарот на кочанското село Мојанци.
Од територијалната противпожарна единица во Кочани потврдија дека поради силниот ветер огнот брзо зафатил поголема површина, а пожарникарите што учествувале во гаснењето дури по два часа успеале да го стават под контрола и да спречат проширување кон блиските куќи.
- Палењето на стрништата и сувата слама што останува по жетвата на оризот е вообичаена практика на земјоделците од регионот, иако ние постојано апелираме дека со тоа се загрозува општата безбедност, се загадува животната средина, а често се прави и материјална штета на туѓ имот. Токму тоа е причината и за овој пожар во кој изгореа ниви од кои се уште не е собран родот. Затоа ги потсетуваме несовесните граѓани на законската забрана за палење оган на отворен простор, за што се предвидени и високи парични казни, истакна Благој Паунов, командир на Територијалната противпожарна единица од Кочани.
Слична интервенција пред два дена екипи на ТППЕ – Кочани имале и во атарот на селото Теранци каде, по проширувањето на огнот од нивите, изгорела викендичка.
Само во текот на месец септември кочанските пожарникари имале 35 гаснења пожари на земјоделски површини. Со оглед што жетвата на оризот е во ек, Паунов потенцира дека во просек веќе имаат по две излегувања на терен дневно, поради што најверојатно во октомври ќе биде регистриран двојно поголем број интервенции.