Општина Велес реализира повеќе инфраструктурни проекти, меѓу кои се потпорниот ѕид и паркингот на улица „Шефки Сали“, асфалтирање на улицата „Бајрам Хасановиќ“ , изградбата на надвозникот кај Башино Село до гробиштата,...
За ова денеска информираше градоначалникот на општината Аце Коцевски.
- Во тек е санирање на оштетувањата на улицата „Киро Рогужаров“ од левата страна на Вардар. Се врши уредување на паркинг простор за четиринаесет возила на улицата „Енгелсова“ како и партерно уредување пред зградата на улицата „Христо Узунов“, информира Коцевски.
Додаде дека минатата недела завршило асфалтирањето на ул.„Бајрам Хасановиќ“ и оштетен дел на улица во центарот на селото Горно Оризари велешко. Потсети дека претходно во ова населено место ја тампонирале и улицата „Партизанска“.
Исто така во тек се земјените работи со проширување на улицата „Самоборска“ која води кон Градската болница. Коцевски рече дека конечно завршила изградбата на надвозникот кај Башино Село до гробиштата, за што сегашното роководство на општината во целост го финансирало проектот вреден пет милиони и 300 илјади денари. Тој појасни дека претходното раководство на општината оваа челичната конструкција за надвозникот само ја шетало во предизборната кампања и ништо не платиле.
-Во тек е изведбата на конструкциите на трибините на Градскиот фудбалски стадион, каде ќе бидат монтирани и 1.500 седишта кои се набавени преку Општинскиот фудбалски сојузи и Фудбалската Федерација на Македонија, информира Коцевски.
Воедно појасни дека се врши санирање на топловодните системи на неколку општински училишта: во ООУ „Васил Главинов“ ,ООУ „Блаже Конески“ и подрачното училиште во Башино Село и во ТППЕ во Велес. Информираше дека во тек се работите за реконструкција на кровот на машинската работилница на ССОУ „Коле Неделковски“ за што ќе се инвестираат три милиони и 200 илјади денари.
Тој информира дека деновиве е извршено чистење на диви депонии кај велешката Топилница и кај селото Горно Оризари, а поставена е и водоводна линија на улицата „Трајко Митев“ во Велес.