Универзитетот „Св.Климент Охридски“ - Битола денеска објави дополнителен конкурс, четврт уписен рок за студенти во прва година на прв циклус студии на тој Универзитет.

Според кокурсот, огласени се 2.411 слободни места на сите високообразовни единици, а најмногу слободни места, 438, има на Економскиот факултет во Прилеп.

Во четвртиот уписен рок на Технички факултет во Битола може да се запишат уште 344 бруцоши, во Факултетот за информатички и комуникациски технологии 283, на Технолошко-техничкиот факултет во Велес има место за 185 студенти, а на Факултетот за туризам и угостителство во Охрид може да се запишат 252 студенти.

По три уписни рока, 115 слободни места останаа на Педагошкиот факултет во Битола, 173 слободни места на Факултетот за безбедност во Скопје, слободни се и 216 места за упис на Правен факултет-Кичево, додека на Факултетот за биотехнички науки може да се запишат уште 183 студенти.

И, високата медицинска школа нуди можност за упис на 177 студенти, додека најмалку слободни места има на Ветеринарен факултет во Битола, вкупно 45.

Од УКЛО-Битола информираат дека од 2.411 слободни места, 1.092 се слободни во т.н. државна квота за студирање, 818 се со кофинансирање, додека 501 место се за вонредени студенти.

Запишувањето во четвртиот уписен рок се врши за истите категории студенти и според истите услови и критериуми утврдени во Конкурсот за запишување студенти во прва година на прв циклус студии кога УКЛО-Битола објави 3.635 слободни места.



Автор: Администратор
Објавено на: 03/10/2018 12:24