Советот на општина Дебар на денешната редовна седница усвои одлуки за давање согласност за преименување на две училишта во градот.
Одлуките се однесуваат на основното општинско училиште „Братство единство“ кое се преименува во „Пенестија“, според албанските историчари старо име на Дебар, и средното општинско училиште „Здравко Чочковски“ во „28 ноември“, ден на незвисноста на Република Албанија и ден на албанското национално знаме.
Согласноста за преименувањето и измената во статутите на училиштата помина и со запазување на потребниот број гласови според Баденетер.
Одлука за промена на имињата на двете училишта,исто така со Бадентер, беше изгласана и во 2012 година од тогашниот совет на општината.
На седницата советниците побараа од претседателот на советот, Башким Машкули, да издејствува кај градоначалникот и секторот за финансии во општината, да бидат исплатени заостанатите советнички надоместоци, како и потребните дневници за лицата ангажирани во избирачките одбори на ланските локални избори.
На петнаесетте советници од актуелниот совет, вклучувајќи ја и денешната седница, според Машкули, не им се исплатени четири, додека на оние од претходниот состав три советнички надоместоци.