Основните и средните училишта во Битола во моментов должат 47.700.000 денари или над 770.000 евра за неплатени услуги поврзани со организираниот училишен превоз во овој град.
Секторот за односи со јавност на општина Битола со соопштение информира дека вкупната сума на наследени долгови е значително намалена, но и понатаму висока.
- Општина Битола еднаш засекогаш треба да го реши проблемот со превозот како основен причинител на финансискиот колапс во битолските училишта. Училиштата во градот имаат упатство да се усогласат со новите законски измени кои ги овозможува Законот за превоз во патниот сообраќај, и на тој начин ќе се надмине проблемот, посочуваат од тамошната локална самоуправа.
Во наредниот период бесплатниот превоз на ученици ќе се врши од страна на носителите на дозвола на општински линиски превоз, по цени и начин утврден од советите на општините. Исто така, бесплатниот превоз на ученици на две или повеќе општини каде што има утврден возен ред во рамки на меѓуопштинскиот линиски превоз ќе се врши од страна на носителите на дозвола за меѓуопштински линиски превоз, по цени утврдени со превозниците, кои не можат да бидат повисоки од цените за останатите патници, информираат од општина Битола.