Во возило со албански регистарски таблички на граничниот премин „Богородица“, Царинската управа вчера пронајде и заплени околу 45 килограми дрога. Возачот и неговата сопатничка, државјани на Република Албанија заработија кривична пријава за производство и продажба на 34,6 килограми марихуана и 9,8 килограми хашиш.

Како што информираа денеска на прес-конференција од Царинската управа, вчера во 12:30 часот на граничниот премин Богородица на излез од Македонија во автомобил со албански регистарски таблици управувано од О.Л. и сопатник А.Ј. од Албанија, цариниците при контрола во подот на возилото пронашле 49 пакувања со зеленкаста тревкаста материја обвиткана со црна трака.

Шефицата на службата за борба против криумчарење Лилјана Живковиќ-Давиткова појасни дека пронајдената дрога била наменета за црниот пазар во Грција и Турција, а со потекло од Албанија.



Автор: Администратор
Објавено на: 04/10/2018 15:50