Општина Кавадарци започна со реализација на проектот за внатрешна реконструкција на спортската сала „Партизан“.
Од Службата за односи со јавноста при локалната самоуправа соопштија дека се работи за реконструкција каква што не е извршена во последните 40 години.
- За оваа намена, општината од буџетот одвои 5.084.100 денари. Парите се наменети за обнова на паркетот на теренот, столаријата, таванот, фасадата, како и за партено уредување околу објектот, велат од Службата за односи со јавност во општината.
Со овој проект општината ќе спроведе сериозна санација за заштита на салата каде од 1958 година се до изградбата на салата „Јасмин“ во 1995 година се одржуваа сите значајни натпревари на кавадаречките кошаркарски екипи, како и натпревари во карате, одбојка, гимнастика, пинг-понг, мал фудбал и останатите мали спортови. Салата „Партизан“ се користеше и како саемски простор во склоп на „Тиквешкиот гроздобер“, а беше и место за многу концерти и културни настани.
- Со оваа реконструкција општината го заштитува и му го продолжува животот на еден од најстарите спортски објекти во Македонија, информираат од прес-службата на општината.