Без соработка и размена на информации не може да функционира системот за заштита од природни несреќи и катастрофи, беше заклучено на денешната работилница „Градење акциска мрежа за урбана отпорност во Југоисточна Европа“, во организација на УНДП што се одржа во Струмица.

Според Анита Коџоман, раководител на Програмата за животна средина и управување со ризици од несреќи и катастрофи при Канцеларијата на УНДП во Македонија, неопходна е соработката како на локално, така и на централно ниво.

-Еве на пример при појава на силни поројни дождови општините кои се наоѓаат на гориот слив на реката Струмица не трпат толку големи последици како општините кои се низводно во сливот на реката, како што се Струмица, Босилово и Ново Село. Затоа, меѓуопштинската соработка и поврзување е неопходна за да може да се здружат и знаењето и ресурсите, но и да можат навреме да изградат солидарност и разбирање дека одредени средства што се инвестираат за таа намена во една општина и другата ќе има корист од таков вид на проекти, рече Анита Коџоман.

Според градоначалникот на Радовиш, Герасим Конзулов, општина која поради својата местоположба и нерешената заштита од силни поројни дождови често пати е поплавувана, се преземаат сет на мерки со кои ќе се намалат штетите од невреме.

-На улиците кои се најчесто поплавувани ќе ги промениме цевките од атмосферската канализација со пошироки. Овие цевководи се изградени пред 40 години и до нив ќе поставиме нови одводни колектори. Имаме и план да работиме на сливното подрачје во општина Радовиш, односно на пренасочување на водотеците кон реките Сушица, Радовишка и Марлада, вели градоначалникот на Радовиш, Герасим Конзулов.

Додаде дека веќе 10 месеци се изработува техничка документација од страна на Развојната програма на Јапонија-„Џајка“ и реализацијата треба да почне во март следната година и да заврши во 2020 година.

Со овој проект значително ќе се подобри заштитата од поројните поплави, посебно во горниот тек на Радовишка река каде треба да се намали брзината на водотекот.



Автор: Администратор
Објавено на: 05/10/2018 13:50