По повод Светскиот ден на учителот денеска во oпштина Штип се одржа Свечена академија на која им беа доделени прзинанијата на најдобрите наставници во основните и средни училишта и воспитувачи во детските градинки.

Градоначалникот Благој Бочварски во своето обраќање пред наставниците истакна дека Штип е град до долга просветителска дејност, каде што е отворена и правта учителска школа, а во него учителствувале и Гоце Делчев, Даме Груев и Ѓорче Петров.

- Од наставниците ќе побарам и во иднина да работат во насока на образување на младите луѓе во општината и државата, со што ќе го унапредиме образовниот процес и целото општество. Образовниот процес е најважната алка во општеството и знаеме дека во овој град, во општина Штип учителствувале едни од најпознатите дејци, вели Бочварски.

Раководителката на Секторот за јавни дејности во општината, Билјана Казанџиска истакна дека денеска е голем ден за околу 500 наставници во штипските училишта. Смета дека современиот начин на живеење ја наметнува и улогата на учителот да го трасира патот на ученикот.

Наставничката по македонски јазик и литература во ООУ „Гоце Делчев“-Штип, Марија Ристова е една од наградените наставници на ниво на Општина Штип.

- Секако дека учителската професија е благородна, односно учителот е тој модератор, кој не само што го води воспитно-образовниот процес, тој во денешно време е и креатор, иноватор и секако неговото знаење треба да го пренесе на своите ученици, вели Ристова.

На денешната Свечена академија во Општина Штип присуствуваше и ректор на Универзитетот „Гоце Делчев“ - Штип, Блажо Боев и универзитетски професори, како и учители, кои веќе се пензионирани.



Автор: Администратор
Објавено на: 05/10/2018 16:52