Јавното обвинителство на Република Македонија соопшти дека е издадена наредба за истражна постапка против девет лица осомничени за кривично дело „организирање група и поттикнување на извршување на делата трговија со луѓе, трговија со дете и криумчарење мигранти“. За седуммина од осомничените е определена мерка притвор, а за двајца - мерки за претпазливост.

Во текот на првата половина од 2017 година тројца од осомничените од користољубие создале и организирале група за вршење кривично дело – криумчарење мигранти. Подоцна кон групата се приклучиле и останатите осомничени. Групата во текот на 2017 година и првата половина од оваа година, организирала комплетно патување од матичните земји, преку земјите членки на Европската Унија и Доминиканската Република, до САД и Канада како земји на крајна дестинација.

- Осомничените како организатори на криминалната група, откако ќе оствареле средба со потенцијалните мигранти, ги врбувале и го договарале начинот на обезбедувањето и висината на паричниот износ што се движела од 20.000 до 25.000 американски долари по лице, а се исплаќала по пристигнувањето на крајната дестинација. Организаторите го планирале бројот на лицата што ќе бидат криумчарени, временскиот период, рутата по која ќе биде реализирано патувањето и локациите каде времено ќе бидат сместени мигрантите во текот на криумчарењето, информира Обвинителството.

За потенцијалните мигранти – македонски и албански државјани кои не можеле да добијат регуларни визи од Амбасадата на САД, обезбедувале фалсификувани документи, со резервирање и купување авионски и автобуски билети, како и со резервирање и плаќање привремено сместување на мигрантите во хотели, мотели и хостели во земјите од рутата.

- Ценејќи дека се исполнети законските услови, надлежниот јавен обвинител до судија на претходна постапка при Основниот суд Скопје 1 Скопје достави предлог за определување мека притвор за сите осомничени. Судијата го прифати предлогот и со Решение им определи мерка притвор на седуммина од осомничените, а на двајца им определи мерки за претпазливост, наведува ЈОРМ.



Автор: Администратор
Објавено на: 05/10/2018 17:32