Европскиот комесар за миграции, внатрешни работи и државјанство Димитрис Аврамопулос денеска од Тирана предупреди дека е можно враќање на визите за земјите од Западен Балкан, доколку миграцијата порасне за над 50 проценти.

- Ние ја следиме ситуацијата за сите земји, а не само за Албанија. Ризикот од илегална миграција треба да се намали. Механизмот за враќање на визите не е ставен во игра, но ако има зголемување на оваа појава со повеќе од 50 отсто и мигрантите одбиваат да се вратат во земјата на потекло, тогаш постои и оваа можност, одговори Аврамопулос, кој во Тирана учествува на министерскиот состанок на Европската унија за Западен Балкан.

Според Аврамопулос, враќање на визниот режим е можен и доколку постои закана по безбедноста од терористички активности.

- Во моментов нема проблем, но ја следиме ситуацијата, рече Аврамопулос.

На дводневниот министерски состанок на Европската унија за Западен Балкан е договорена соработка за управувањето со границите, борбата против тероризмот и организираниот криминал.



Автор: Администратор
Објавено на: 05/10/2018 17:34