Во беровското средно училиште се навршуваат 65 години од почетокот со работа на оваа установа. Училиштето кое го носи името на својот патрон, народниот херој Ацо Русковски, го одбележа јубилејот со свечена академија, на која директорот Сашко Корчовски накратко се осврна на работењето и постигнувањата на училиштето во иминатите 65 години.
- Пред 65 години се формираше воспитно-образовната институција од која произлегле голем број истакнати поединци кои ја продолжуваат идејата на херојот Русковски. Тој живееше кратко, но остави голем белег со своето залагање за еднакво општество. Општинското средно училиште од Берово во чест на својот патрон, секоја година ја продолжува традицијата и го одбележуваме патронот со богата приредба, спортски, културни и други манифестации, рече Корчовски.
На културно-уметничката програма по повод јубилејот настапи КУД „Димитар Беровски“ со повеќе музички точки и неколку рецитали.
Во рамки на одбележувањето на значајниот датум за беровската гимназија беше положено свежо цвеќе пред бистата на патронот „Ацо Русковски“.