Невработеноста, инфраструктурата, домувањето и неплатени сметки за вода се најчестите проблеми со кои се соочува ромската популација во Берово. Ова се главните заклучоци од средбата која претставници од програмата Сонце ја имаа со градоначалникот на Општина Берово како и претставници на институциите од општината, Локалната акциска група и работната група формирана од ромската заедница.

На средбата која се одржа во општинската сала за состаноци, од страна на беровскиот градоначалник Звонко Пекевски, беа посочени моменталните можности за решавање на дел од проблемите на ромското население при што дел од нив, како што рече, ќе бидат вметнати во буџетската проекција за 2019 година. -Од претставниците на имплементаторите на програмата Ромактед кои се партнери на национално ниво, најавени се мерки со кои ќе се делува за подобрување на условите за живот на припадниците на Ромска националност. Цениме дека во иднина не само на хартија туку конкретно ќе се работи за подобрување на условите на оваа целна група, преку конкретни мерки со кои тие ќе бидат вклучени далеку повеќе во целокупното општествено делување, рече Пекевски. Најголем акцент при решавањето на проблемите според здружението на граѓани "МалешНет" треба да се стави на подобрување на патната инфраструктура на улиците каде претежно живее ромско население кои се во многу лоша состојба и на кои им е потребна итна реконструкција.



Автор: Администратор
Објавено на: 06/10/2018 14:36