Со замената на последните сто и десет метри од азбестната водоводна мрежа во општина Македонска Каменица заврши процесот на отстранување на канцерогените цевки на целата територија од градот.
Со ова, како што истакна градоначалниката Соња Стаменкова, општина Македонска Каменица ја оствари својата заложба како локална самоуправа да им обезбеди чиста вода за пиење на сите граѓани.
- Обновувањето на примарната и секундарна водоводната мрежа системски продолжува на целата територија од општината. Следен чекор е поставувањето на хлоринатори на водоводните мрежи од селските средини и изработка на проект за замена на мрежата кај дел од домаќинствата во маало Павлиш Дол, кои извесен период ја користат старата градска водоводна мрежа, информираше Стаменкова.
Додава дека по завршената замена на азбестната водоводна мрежа ќе следи реконструкција на оштетените делови од улиците низ кои поминива градската водоводна мрежа.