Со положување цвеќе на спомен-бистата на паднатите борци од Народноослободителната борба на плоштадот „Карпошово востание“ во Крива Паланка денеска почна одбележувањето на 8 Октомври - Денот на ослободување на oпштината.
Цвеќе положија делегации од општина Крива Паланка, предводена од градоначалникот Борјанчо Мицевски, од Советот на општина Крива Паланка, од Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство предводена од министерот Љупчо Николовски, од амбасадата на Украина во Република Македонија предводена од амбасадорот Наталија Задорожњук.
Цвеќе положија и делегации од збратимените општини: Свидник, Словачка, Лугож, Романија, Перечин, Украина, Млава, Полска, Вршац,Србија, Дупница, Бугарија, Бор, Србија, Трговиште, Србија, Витина, Косово, од Националниот совет на националното малцинство во Србија, од општините Ранковце, Кратово, од општинскиот Сојуз на борци - Крива Паланка, од политичките партии, од Здружението на пензионери, Центар за економски анализи - Скопје и граѓани.
Чествувањето на празникот ќе продолжи со свечена седница во општинската сала, каде ќе бидат доделени „Осмооктомвриската награда“ и признанија, по што на плоштадот пред општинската зграда ќе се одржи празничен концерт. Попладне во „Етно гостилница Воденица 3“ се организираат манифестацијата „Шопска софра“ и дефиле-ревија на народни носии од прекуграничниот регион „Пчиња-Краиште“ со избор на најдобар пар.
На главниот градски плоштад од 12 до 14 часот припадници на Армијата на Република Македонија ќе спроведат тактичко-технички збор, со изложба и презентација на борбени возила, механизација, лесно пешадиско вооружување и останата опрема, а ќе се реализира и прелет на армиски хеликоптер на небото над Крива Паланка.
Во Центарот за култура во Крива Паланка вечер, во 19 часот, ќе се одржи и свечена академија по повод 74 години од ослободувањето на градот.