Ловџија завршил со рани во десното стапало откако пушката што ја носел испукала неконтролирано. Според СВР Тетово, вчера во атарот на село Сретково, додека бил во ловна заседа, Д.Н. (39) се саморанил во десното стапало со ловечка пушка. Начинот и околностите засега не се утврдени.
Половина час подоцна повредениот Д.Н. бил донесен во гостиварската Општа болница „Ферид Мурад“ и по укажаната лекарска помош бил пренесен на скопските клиники. По извршениот увид се работи на расчистување на случајот.
Од СВР Тетово упатуваат апел на почетокот ловната сезона, која во наредните месеци значително ќе се интензивира, особено за викендите и празниците, за поголема внимателност и почитување на законските одредби.
- Апелираме доследно да се почитува Законот за лов. Зашто глобите за непочитување на одредбите се мошне ригорозни и доследно и без исклучоци ќе се применуваат кон сите подеднакво, без разлика дали станува збор за ловџии-почетници или за искусни поклоници на овој рекреативен спорт, односно хоби. На ловџиите им се укажува да бидат докрај внимателни при ракувањето со оружјето што го поседуваат и носат со себе на лов за да не ја доведат во опасност сопственоста и безбедноста на другите, наведува Марјан Јосифоски, портпарол на СВР Тетово.
Отсекот за превенција на СВР Тетово организираше неколку средби со раководствата на поголем број од тетовските и гостиварските ловечки друштва, како и со нивните членови-ловџии.