Надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Штип, постапувајќи по кривичната пријава од Министерството за внатрешни работи, донесе наредба за спроведување на истрага против лице од Скопје, вработено во МЕПСО. На осомничениот му се става на товар дека сторил кривично дело – Примање поткуп по член 357 ст. 4 во врска со ст.2 од Кривичниот законик, соопшти Јавното обинителство на Република Македонија.

Надлежниот јавен обвинител, ценејќи дека се исполнети законските услови, до Судијата на претходна постапка при Основниот суд – Штип достави предлог за определување на мерка – притвор. Судијата на претходна постапка со Решение на осомничениот му определи мерка – куќен притвор. На ваквото Решение, Основното јавно обвинителство денеска до Советот на Основниот суд – Штип достави жалба.

​Осомничениот како вешто лице побарал и примил 2.000 евра за заверување на веќе изготвено економско – финансиско вештачење. На 6 октомври по претходен договор осомничениот ги примил обележените банкноти од пријавителот, по што по интервенција на овластени службени лица парите се пронајдени кај осомничениот и тој е лишен од слобода, стои во соопштението.



Автор: Администратор
Објавено на: 08/10/2018 19:13