Полека изумира 100-годишната круша „сулија“ во центарот на Делчево, овошна култура што се одликува со висока доза калоричност и која е една од најкарактеристичните овошни култури за ова подрачје. Во Делчево постојат само неколку примероци од оваа сорта круша.

Со цел да ја зачува крушата „сулија", Здружението на производители на органски производи „Аронија“ кон крајот на минатата година почна да го спроведува проектот за зачувување на автохтоните сорти овошни култури и повторно заживување на оваа сорта круша на овие простори.

За оваа сорта круша Фиданчо Христов, претседател на здружението „Аронија", вели дека е плод што со векови расте на овие простори.

- Ова е автохтона сорта овошна култура што кога дава плод тој е во големи количини, а крушата дава плод секоја втора година. „Сулијата“ е издржлива на болести и е сорта што од одамна расте на овие простори. Во Делчево ја има на неколку места. Ние за потребите на проектот детерминиравме 4,5 стебла постари од 100 години и од нив зедовме калем гранки и произведовме расад во штипскиот расадник. Главна цел на проектот е да се зачуваат и да се обноват автохтоните сорти овошки преку испитување на здравствената состојба и ревитализација. Се одржаа обуки во Делчево, Берово и во Пехчево, а со сопствениците на овошни култури имавме и практична теренска обука со овоштарите кои беа едуцирани како да ревитализираат јаболка, круша и сина слива, да се обноват и да почнат да им даваат род, објаснува Христов.

Во рамките на проектот првата обука се одржа во селото Панчарево. На обуката Тошо Арсов, професор од Факултетот за земјоделски науки, ги едуцираше овоштарите за повторната репродукција на автохтоните сорти јаболка.

- Во Пијанец има доста овошни насади подигнати некаде во педесеттите години од минатиот век. Во последните, слободно можам да кажам, 15-20 години не се применети речиси никакви полнотехнички и агротехнички мерки и со наездата на индустријата се заборави на овие стари сорти. Целта преку проектот е да се подигне свеста за старите сорти јаболка и она што овоштарите го имаат. Она што треба да се знае е тоа што за да подигнете јаболков насад и да влезе во полна родност се потребни најмалку 10 години, а овие запуштени, но се уште витални стебла во селото Панчарево, за една-две години можат да бидат ревитализирани да даваат добар и квалитетен род, истакна Арсов.

Професорот преку показни вежби за начините на кроење на овошките покажа кои се најважните мерки што треба да ги спроведат овоштарите во текот на целата година.

- Најважна е мерката за подмладување, просветлување и поставување на костурот на стеблото, меѓутоа при кроењето оставаме да имаат и род. Овие мерки треба да продолжат и во текот на вегетацијата со понатамошна резидба за наредната година да се добие родно младо дрво што понатаму може да се одржува во добра кондиција. Инаку, јаболкото е дрво што бара редовна резидба за да се воспостави рамнотежа према родот и прирастот за да имаме секоја година одредена количина квалитетен род, а не една година јаболкото да има премногу род, а друга година воопшто или малку. Целта е, освен да се возобноват, да се произведе и квалитетен род од овие сорти стари јаболка, појаснува професорот Арсов.

Втората обука се одржа со овоштарите од Црквенец. Таму пред присутните беа прикажани техниките како треба да се изврши резидба за подмладување на старите сорти круши. Повторно улогата на обучувач ја имаше професорот од Факултетот за земјоделски науки, Тошо Арсов.

- Ако во селото Панчарево видовме дека кај јаболкото имаме релативно добри стебла, овде во Црквенец кај крушата има доста проблеми со болестите, а резидбата треба да биде малку попретпазлива, но сепак таа ќе биде исто така во насока на подмладување и ревитализација на старите стебла со стари сорти круши во пијанечкиот регион, истакна Арсов.

Додаде дека она што е важно во рамките на спроведените активности е намалување на периодот за влегување во полна родност на старите сорти круши, нешто што може да се случи со нивна правилна резидба и останати понатамошни активности во периодот што следува.

- Релативно брзо не може да се очекува тоа да се случи, но за две години со дополнителни мерки во текот на вегетацијата по резидбата следуваат летни операции и веќе наредната година би можело да се очекува старите сорти круши да се вратат на прав пат, па така веќе во третата година да имаме овошки во полна родност, кои ако ги засадиме ќе ни требаат седум, осум, па и десет години да добијат развиеност за да влезат во полна родност, додаде професорот Тошо Арсов.

На обуката во селото Црквенец присуствуваше и Златко Самарџиев од Глобалниот еколошки фонд, кој изрази задоволство од тоа што реализацијата на ваквите проекти битно влијае во насока на зачувување на она што некогаш го имало на овие простори, било да се работи за домашни животни или за стари овошни култури.

- Не им служи типично ова за егзистенција на здруженијата на граѓани, но помага да се зачуваат старите сорти и производите од тие сорти што некогаш ги имало, да не дојдеме во ситуација да имаме само неколку увозни видови во Република Македонија. Инаку, од нашиот фонд годишно имаме 400.000 долари, а оваа година имаме плус уште 200.000 долари што се распределени во неколку области, но грубо можам да кажам дека за биолошка разновидност одат речиси половина, другите средства се наменети за проекти поврзани со климатските промени, појаснува Самарџиев.

Проектот за ревитализација на старите овошни култури своите резултати треба да ги даде во ноември, кога ќе бидат претставени пред овоштарите од регионот Пијанец-Малеш.

Валери Спасевски



Автор: Администратор
Објавено на: 09/10/2018 10:15