Преку двата аеродрома во Македонија, во Скопје и Охрид, во првите девет месеци од годинава патувале 1,8 милиони патници при што е забележан годишен раст од 18 отсто, соопшти ТАВ Македонија, компанијата која управува со македонските аеродроми.
Во овој период, како што наведуваат, бројот на летови на двата аеродрома изнесува 15.395, со годишен пораст од 12 отсто.
- Завршивме уште една фреквентна летна сезона на двата аеродрома, во Скопје и во Охрид и сега сме подготвени за зимската сезона која ќе почне на крајот од октомври со новиот зимски распоред на летови. Сумирајќи ги изминатите месеци важно е да се истакне дека по успешно завршените дискусии и преговори, на 1 јуни 2018 година, ЛОТ Полиш ерлајнс влезе на македонскиот пазар отворајќи ја новата линија Варшава - Скопје, со фреквенција од шест лета неделно меѓу двата главни градови. На охридскиот аеродром отворивме четири нови сезонски летови – Истанбул, Ајндховен, Талин и Варшава, додека од ноември 2018 Виена, како уште една нова дестинација и регуларна авиолинија ќе биде отворена од Охрид, изјави Алпер Ерсој, генерален директор на ТАВ Македонија. Тој очекува да продожат со истото темпо на двоцифрен пораст на патничкиот сообраќај до крајот на 2018 година, што е повисок од официјалниот просек на ЕУ од 4,8 проценти и повисок од просечниот раст од 6,8 отсто на патнички сообраќај на аеродромите кои не се во ЕУ.
Според статистиката за патничкиот сообраќај, од јануари до септември 2018 година најфреквентни дестинации на Меѓународниот аеродром Скопје се Истанбулсо 10,8 отсто, Цирих 7,8 отсто, Виена 5,7 осто, Базел 5,3 отсто, Малме (4,5 отсто и Братислава 3,4 отсто.
Во однос на пазарниот удел на авиокомпаниите во вкупниот патнички сообраќај, Виз ер го превезе најголемиот број на патници со 60,3 отсто удел на пазарот, а потоа следуваат Туркиш ерлајнс со 7,8 отсто, Аустриан ерлјанс 5,7, Германиа флуг 4,5, Пегасус ерлајнс 3,7 и Кроација ерлајнс 3,4.
Најфреквентниот ден на Меѓународниот аеродром Скопје во првите девет месеци од 2018 година во поглед на патнички сообраќај е 29 јули со превезени 8.796 патници, додека од аспект на број на воздухопловни операции најфреквентен е 2 август со 76 летови.
Покрај постојаниот двоцифрен пораст на патничкиот сообраќај, ТАВ Македонија бележи и значаен годишен пораст на карго-сообраќајот на скопскиот аеродром во првите девет месеци од 2018 година, кој изнесува 2.676 тони и е поголем за 22 отсто споредено со истиот период во 2017 година.
Меѓународниот аеродром Скопје е поврзан со 37 редовни авиолинии во текот на целата година, опслужени од 12 авиокомпании и четири чартер дестинации летна сезона, опслужени од 6 авиокомпании.
Охридскиот аеродром „Св. Апостол Павле“ има три редовни авиолинии во текот на целата година и осум сезонски дестинации, опслужувани од 12 авиокомпании.