Пред голем број стопанственици и претставници на фирми од регионот, денеска во општина Макеоднска Каменица се одржа промоција на „Македонија 2025“. На промоцијата беа претставени придобивките и можностите за развој на домашните компаниите, преку воведување на западните перспективи и вредности за унапредување на деловните практики. - Нашата мисија е да помогнеме во позиционирањето на Македонија како најпосакувана дестинација за странски директни инвестиции, да промовираме транспарентност во владините и корпоративните практики и да ги инспирираме идните бизнис лидери во Македонија. Преку овие напори и ресурси на Македонија 2025 ние помагаме да се изгради посилна нација. „Македонија 2025“ е посветена на помагање во создавање на просперитетна економска клима во Македонија која ќе ги воспостави можностите и иновациите за своите граѓани и странски инвеститори, рече Билјана Марковиќ, директорка на „Македонија 2025“. Како што истакна Никола Ќурчиски, претставник на работната група „Македонија 2025“ потребни се неколку клучни активности како би се подобрила положбата на домашните компании на странскиот пазар. - Само со заедништво и вмрежување на компаниите може да се постигне потребната конкурентност на пазарот, подигање на нивото на квалитетот и вредност на производството, преку градење заедничка стратегија за развој на компаниите, рече Ќурчиски. Градоначалничката на општина Македонска Каменица, Соња Стаменкова ја потенцираше силната поддршка која локалната самоуправа ја дава за ваквиот начин на соработка помеѓу фирмите и компаниите од регионот. На настанот воедно беше промовиран и Самитот на „Македонија 2025“ кој е најголемиот настан од овој вид во Македонија и регионот.