Нови две пристапни рампи, паркинг простор и адаптирани тоалети за учениците со попреченост доби основното училиште „Кочо Рацин“ во Куманово. Изградбата е завршена преку проектот „Сложувалка“ кој го спроведуваат меѓуопштинското здружение на лицата со телесен инвалидитет „Мобилност Куманово“ и училиштето, но и бизнис заедницата која финансираше изградба на еден од двата адаптирани тоалети.
- Ова е убав чекор за учениците со попреченост и како таков треба да се спроведе во сите образовни објекти, на сите нивоа, да се изградат вакви пристапни инфраструктурни зафати со што ќе им се овозможи на учениците со попреченост да следат настава согласно своите капацитети, а не согласно пристапноста на одредени образовни објекти. На овој начин, учениците со попреченост ќе можат да стекнат повисок степен на образование што е мошне значајно за нивниот понатамошен живот и кариера, изјави претседателот на здружението „Мобилност“, Бранимир Јовановски.
Директорката на училиштето, Лидија Пешиќ изрази задоволство од реализацијата на ваков проект, со кој на учениците со попреченост им се создаваат услови за следење на наставата.
Од здружението „Мобилност Куманово“ ќе побараат од општините да вложуваат повеќе средства за адаптација на образованите установи за учениците со попреченост.
Проектот „Сложувалка“ се реализира со поддршка на Фондацијата Отворено општество Македонија.