Седумнаесетгодишниот Стефан Јакимовски живее во светот на машините и електрониката. Подрумските простории во станбената зграда во штипската населба Сењак, каде што живее, ги претворил во работилница. Ова е светот на Стефан, за кого науката е водилка кон неговата иднина. ММЦ-машината, која самиот ја измислил, а потоа и ја направил склопувајќи ја дел по дел, ја претставил и на Меѓународниот саем за иновации „Инова Мак 2018“ во Скопје. Поддршка добил и од неговото училиште СОУ „Коле Нехтенин“-Штип, каде што веќе ја следи и наставата во четврта година.

- Таму бев со мојот ментор Методи Симеонов и воедно бев најмлад учесник на саемот „Инова Мак 2018“. Можам да кажам дека на саемот се стекнав и со нови знаења и многу успеси. Ова ми е и мотив да продолжам и да учествувам и на други саеми и на други натпревари, вели Јакимовски.

Машината служи за цртање и гравирање и од неа, како што вели Стефан, можат да се изработуваат разни украси, сувенири, без разлика дали се дрвени или пластични.

- Може да се користи и за гравирање и на метални предмети. Оваа машина е третиот примерок, на неа работам две години, а идејата ја работам веќе пет години. Ова е третата верзија на машината и досега е најдобрата, рече Јакимовски.

Направена е, како што вели, од евтини материјали, да не биде многу скапа, а деловите што се на неа се од македонско производство. Смета дека како машина може да се патентира, но таа постапка, забележува, може да потрае и подолго време. Идеите за да направи нешто му доаѓаат спонтано, а како што вели, најпрвин мисли дека се „глупави“, што не можат да се користат. Но, подоцна, кога подобро ќе се разработат, сфаќа дека може некому и да му користи одредена иновација.

Во неговата работилница има секаков алат, завртки, навртки и машини, со кои ги работи своите иновации. Во самиот простор се чувствува колку ова младо момче е посветено на своите идеи и иновации.

- Во мојата работилница почнав да работам од многу мала возраст, на 10 години, со мали занимации покрај мојот татко и од него учев како да ковам, шрафам, а потоа сфатив дека електрониката повеќе ме влече и сега со неа се занимавам, вели Јакимовски.

Седумнаесетгодишниот иноватор Стефан работи и на втора иновација во делот на електрониката.

- Работам на Теслин трансформатор, на интегрирани кола, употребата на интегралните кола, домашна автоматика, безични светла, за употреба на мобилните телефони, за контрола на домашни уреди и слично, објаснува Јакимовски.

Смета дека секој кој знае занает и се посветува на науката има иднина. Ова младо момче, покрај тоа што учи, работи во неговата работилница, стекнува и нови знаења преку практична работа во една приватна штипска работилница.

- Се трудам таму да помагам, моментално одам да помагам во електросервис „Јоле“ и таму помагам во електронскиот сервис, но и учам да заварувам и се што ќе ми се даде можност, вели Јакимовски.

Стефан Јакимовски ученик во СОУ „Коле Нехтенин“-Штип

Ученик е во регионалното средно електромашинско училиште „Коле Нехтенин“, каде што вели дека има одлични професори, а секој кој има мал интерес од нив може и многу да научи. Но, се зависи од желбата и дали некој од учениците има визија со што ќе се занимава во иднина.

- Во училиштето мислам дека има уште двајца или тројца ученици кои вака работат. Образованието е голем придонес за еден млад човек. Тоа не поткрепува, ни дава знаења, но секоја личност треба да има пред се волја и желба за да успее. Условите за учење и практика во училиштето се задоволителни, може да бидат и подобри. Но, сепак, тоа се можностите кај нас, се надеваме дека ќе добиваме помош и од институциите, вели Јакимовски.

Младиот иноватор е на крајот од своето средно образование. Наредната година ќе се запише на Електротехничкиот факултет. Се уште не знае каде ќе го продолжи студирањето, дали во својот роден град или во Скопје, но знае што сака да биде во животот.

Неговиот професор Методи Симеонов вели дека првпат како училиште учествувале на Меѓународниот саем за иновации со ЦМЦ-машината на Стефан, а веќе планираат да учествуваат и на Саемот за иновации „Макинова“ и да се пријават на државниот натревар за труд.

Директорот на СОУ „Коле Нехтенин“, Дејан Павлов, забележува дека младите иноватори, таленти од училиштето, секогаш ќе бидат поддржувани, а Стефан е еден од нив, кој ги претставува на ваквите саеми и натревари.

Викторија Димитрова-Јованова



Автор: Администратор
Објавено на: 10/10/2018 09:05