Општина Охрид денеска со свеченост во големата општинска сала започна со активностите за одбележување на 11 Октомври - Денот на народното востание.
Градоначалникот на Охрид, Јован Стојаноски, во обраќањето пред присутните истакна дека четиригодишната народноослободителна епопеја на македонскиот народ во Втората светска војна ги поставила темелите на новата македонска држава, со тоа реализирајќи го вековниот сон на македонскиот народ за создавање сопствена држава.
- Во сите периоди на своето опстојување Охрид бил дел од историските настани, кои ја одредувале иднината на македонскиот народ, испишувајќи ја на таков начин сопствената историја и неспорниот придонес во градењето на европската цивилизација. Во својот повеќедецениски слободарски од, градот доживува континуиран национален, социјален, културен и научен развој кои го продолжуваат неговиот сјај на културна и духовна метропола на македонскиот народ и воопшто на сесловенскиот свет, рече Стојаноски.
И покрај сите специфики на времето во кое живееме, сложеноста на состојбите во кои се наоѓаме, додаде, градот успева да ја сочува својата одлика - да биде репрезент на целата македонска историја, традиција и култура.
- За многу одлуки во животот потребна е храброст. Но, најголема е храброста да се задржи своето и подготвено и достоинствено да се одговори на предизвициите кои ги носи иднината, истакна Стојаноски.
Историски час на свеченоста одржа Наце Иваноски од Општинската огранизација на Сојузот на борци.
Чествувањата по повод „11 Октомври“ продолжуваат утре кога во 11 часот делегации од Општина Охрид и претставници од јавниот и политички живот од градот ќе положат цвеќе пред Спомен-обележјето од НОБ во Градскиот парк, во дворниот простор на Основен Суд – Охрид, пред економското училиште „Св. Кирил и Методи“ и на Градските гробишта.