Во пресрет на празникот и одбележувањето на 77-годишнината од почетокот на народното востание во НОБ 1941-та, во локалната самоуправа во Прилеп пригодно беа отркиени копиите на орденот-народен херој што градот го доби во 1975-та година, а кој пред 24 годин и исчезна од тогашните општински простории и до денес нема ниту трага ниту глас.

Направена е една копија на орденот која ќе биде поставена во меморијалниот музеј „11 Октомври“, а репликата во мермер е во холот на општинската зграда.

Пред претставници на локалната самоуправа, од Сојузот на борците, од прилепскиот „Завод и музеј“, на дел поранешни градоначалници и претседатели на Општината и пред повеќе гости, прилепскиот градоначалник Илија Јованоски копијата на орденот му ја врачи на директорот на музејот Благоја Атанасоски, а заедно го открија релјефот во мермер во холот на општинската зграда.

Според Јованоски, Прилеп недвосмислено го заслужува и треба да го носи епитетот град - народен херој, зашто дал многу жртви, активно учествувал во НОБ и Револуцијата која и ја почнал. Тој е единствен град во Македонија, кој добил таков орден од Јосип Броз Тито, тогашниот претседател на СФРЈ.

- По 25 години го враќаме орденот што Прилеп во 1975 година го доби за град-херој. Всушност ја враќаме репликата на орденот, зашто пред околу 25 години орденот исчезна и не се знае каде е до ден денес од тогашните општински простории. Прилеп овој орден го доби со уште седум градови во тогашната СФРЈ, а му го додели Јосип Броз Тито и го заслужува овој орден. Ја почна народноослободителната борба 1941., активно учествуваше во четиригодишната борба, даде 650 борци и 10 народни херои, кои загинаа во борбата за слобода. Атрибутот што го доби Прилеп како град на пркосот и непокорот остана и понатаму. Треба да бидеме горди, зашто и по ослободувањето Прилеп даде општествени дејци во политичкиот, економскиот, културниот и спортскиот живот и во целокупниот развој на државата. А денес ние ги знаеме патот и целта за Прилеп и Република Македонија да влезат во НАТО и ЕУ, зашто тоа е иднината на градот, рече Јованоски.

Директорот на „Завод и музеј-Прилеп“, Благоја Атанасоски, нагласи дека орденот ќе се врати на заслуженото место - во меморијалниот музеј „11 Октомври“.

- Оваа копија на орденот ќе го заземе соодветното место и ќе биде поставен до бистата на Јосип Броз Тито во меморијалниот музеј кој и му го додели на градот, рече Атанасоски.

Според Круме Соколоски, претседател на прилепскиот Сојуз на борци нема дилема дека Прилеп го заслужува орденот за град херој.

- Прилеп е револуционерен град, бунтовен и непокорен кој секогаш се борел против разните ропства на овие простори. Прилеп отсекогаш бил расадник на револуционери и раководители на државата. Нека биде вековито зашто градот аслужува ваква почит, изјави Соколоски.

Историчарот при прилепскиот музеј, Рубин Белчески, објаснува дека Прилеп е еден од осумте градови во тогашната СФРЈ кој го добил овој орден.

- Во тогашната СФРЈ биле доделени вкупно 1.384 ордени за херои како највисоко признание, на поединци-борци, организации, институции, воени единици и градови. Од нив во Македонија се доделени 66 ордени на поединци-херои и еден на Првата македонско-косовска ударна бригада. Од нив 15 ордени се доделени на народни херои од Прилеп и оној за град херој. Од 15-те народни херои, десет загинале во НОБ, а петмина во годините по ослободувањето. Затоа градот со право го носи и орденот и епитетот- град херој. Инаку, орденот е уметничко дело на уметникот Ѓорѓе Андреевиќ Кун во 1943 година, рече Белчески.

Првиот градоначалник од 1991 година, поточно претседател на општина Прилеп, Илија Димоски од редовите на ВМРО-ДПМНЕ се сеќава дека оорденот стоел заклучен во витрина во опшптинските простории се до 1994 година кога во мај бил насилно разрешен од неговите сопартијци. Потоа не знае што се случувало со орденот.

- Орденот стоеше заклучен во витрина на увид на сите. Мандатот до крај не го завршив зашто во мај 1994 година. Моите сопартијци ме разрешија, упаднаа насилно во мојата канцеларија и ми ги одзедоа ингеренциите. Гарантирам дотогаш орденот беше во витрината, а што се случуваше потоа, не знам. По мене претседатели и градоначлници беа Виолета Попоска, Ратко Андреески, Глигур Иваноски и Сашо Пирганоски во чиј мандат се констатира дека го нема орденот. А кога исчезнал, не знам, објаснува Димоски.

Вечер со традиционалниот импровизиран напад на градот како потсетување на виорните настани на 11 октомври 1941-та кога три групи на партизанскиот одред „Гоце Делчев“ ги нападнале тогашниот Участак-полициска станица, затворот во Прилеп и ги прекинале комуникациските жици со што го означиле почетокот на народното востание во Македонија, Прилеп ќе ги почне чествувањата за 11 Октомври. Прв пат заедно ќе се прославува со Куманово. Пред меморијалниот музеј треба да се обратат премиерот Зоран Заев и градоначалниците на Прилеп и на Куманово.



Автор: Администратор
Објавено на: 10/10/2018 16:10