По деветти пат денеска во центарот на Прилеп започна манифестацијата „Денови на медот“, која има за цел да ја нагласи употребата на медот како здрава храна. Своите пчелни производи пред прилепчани ги изложуваат 20-ина медари од Прилеп и од повеќе градови во земјава.
Според Дејан Бошкоски, претседател на прилепското пчеларско здружение „Братство“ годинава е неповолна за производството на мед кое, главно поради временските неприлики е намалено дури и за 80 отсто.
- Изложени се повеќе пчелни производи: мед, матичен млеч, прополис, поленов или цветен прав. Целта е да ги промовираме производите како здрава храна. Во Прилеп има околу 200 пчелари, од кои половината членуваат во здружението „Братство“. Оваа беше тешка година за пчеларите и за производството на мед кое се намали за 80-ина насто поради неповолните временски прилики и дождовите, рече Бошкоски.
Пчеларот Марјан Петроски вели дека цената на медот во Прилеп е 400 денари за еден килограм. Има навремени субвенции од државата, но потребна е помош.
- Ние како пчелари ги задоволуваме критериумите, но временските неприлики и климатските промени драстично го намалија медопроизводството. Затоа е потребна помош од државата во вид на субвенции, или каква било друга помош за да излеземе од кризата.. Досега примаме субвенции од пчелно семејство по 600 денари. навреме добиваме, а сега има проекти кои треба да се промовираат, нагласува Петроски.
Македонија е на дното во Европа според ниската конзумација на медот.
- Се трудиме да се промовира медот како здрава храна, но навиките се се уште ниски. Годишно потрошувачката е околу 200 грама мед по глава на жител, а во западноевропските земји е од седум до 10 килограми по жител годишно, смета претседателот на приелпското здружение „Братство“.
Бошкоски вели дека се уште се соочуваат со нелојалната конкуренција и ги повика инспекциските служби за поригорозни контроли и санкции.
- Во трговијата, поточно, во маркетите се нуди секаков мед, увезен од други држави, дури и од оние кои воопшто не произведуваат мед. Бараме државата поригорозно да интервенира, изјави Бошкоски.
Манифестацијата „Денови на медот“ се организира со поддршка на локалната самоуправа и на Министерството за земјоделство. Ќе трае наредните четири дена.