Европската фудбалска Асоцијација (УЕФА), по иницијатива на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ), за проектот на СОС Детско Село - Македонија „Football is power“, додели 50.000 евра, со цел развој на спортски активности за децата од невладината организација.
На почетокот од оваа година, УЕФА преку својата Фондација за деца побара од 55 национални асоцијации да номинираат организација од нивната земја што исполнува зададени критериуми, а чија работа е од особена важност за децата од социјално ранливи категории.
Зорица Серафимовска Арсовска, претседателката на У.О. на СОС Детско Село истакна дека со номинацијата ФФМ потвдрила дека ја препознава и поддржува нивната работа.
- Ние веќе 17 години посветено работиме и се грижиме за децата без родители и родителска грижа во нашата земја. Нашата работа и мисија се поклопуваат во една многу важна работа, нашата работа е да менуваме животи, а вашата да обезбедите исто така подобра иднина за децата и младите преку спортот, односно фудбалот, нагласи Серафимовска Арсовска.
Јулијана Гапо, националната директорка на СОС Детско Село посочи дека спортот игра клучна улога во правилниот раст и развој на секое дете.
- Раното откривање на спортскиот потенцијал е појдовна основа за тоа како детето понатаму ќе се развива на спортски професионален план. Преку тимскиот спорт се учи тимска работа, делење, самодисциплина, лидерство, толеранција и фер плеј, рече Гапо.
Муамед Сејдини, в.д. претседателот на ФФМ наведе дека Федерацијата секогаш се труди да има активна улога во општеството, давајќи придонес во проекти и активности кои ја истакнуваат социјалната одговорност.
- Исклучително ни е драго што СОС Детското Село ја доби наградата од УЕФА Фондацијата за деца во износ од 50.000 евра, средства кои што ќе ги инвестираат во понатамошен развој на спортските активности на децата, потенцираше Сејдини.
Генералниот секретар на ФФМ, Филип Поповски истакна оти искрено се надеваат дека со реновирањето на спортското игралиште ќе се поттикнат и инспирираат повеќе деца што живеат таму да уживаат во играњето фудбал.