Во пресрет на Денот на востанието на Македонија - 11 Октомври, Домот на култура “Димитар Беровски“ и Општина Берово вечерва организираа концерт на кој настапија членовите на Културно-уметничкото друштво “Димитар Беровски“ и староградскиот оркестар при беровскиот Дом на култура.

Како што истакна градоначалникот на општина Берово, Звонко Пекевски одбележувањето на "11 Октомври - Денот на востанието", продолжува утре со положување свежо цвеќе пред спомен плочата на загинатите борци од НОВ.

- Денот на македонското востание е значаен датум како за сите граѓани на Република Македонија така и за нас, бидејки голем дел од борците од Малешевијата како учесници во НОВ ги положиле своите животи за слобода. По тој повод, а во пресрет на утрешниот ден го организиравме вечерашниот концерт на кој свој настап имаа членовите на КУД "Димитар Беровски" како и староградскиот оркестар. Чествувањето на значајниот датум продолжува утре со положување свежо цвеќе пред спомен плочата на беровските херои, рече Пекевски.

Додава дека освен делегација на општината, на утрешниот настан свое присуство е најавено од страна на претставници на здружението на борци, претставници на Советот на општина Берово како и здруженија на граѓани.



Автор: Администратор
Објавено на: 10/10/2018 23:34