На свеченоста организирана во Парламентот на Европската Унија, на Игуменот на Бигорскиот манастир архимандрит Партениј му беше врачена највисоката почесна награда на ЕУ „Граѓанин на Европа“.
Архимандрит Партениј е првиот граѓанин на Република Македонија што ја добива оваа висока награда, а за која беше номиниран од европратеникот од пратеничката група ЕНП/ГЕРБ, Андреј Ковачев.
Во присуство на многубројни европратеници и гости, грамотата за почесниот европски медал на педесетте годинешни лауретати им ги врачи потпретседателката на на Европското собрание, Силви Гијом.
Добитниците на ова високо признание ги поздрави и претседателот на Парламентот, Антонио Тајани.
- Меѓу наградените се личности и организации од разни општествени сфери, а дел од нив беа и значителен дел припадници на православното Христијанство. Така, добитници на наградата „Европски граѓанин“ беа и неколку добротворни организации од Романија, Грција и Кипар, од кои едната „Кивотот на светот“, е раководена од православниот свештеник, отец Антониј од Грција, а се занимава со помагање и згрижување на напуштени и незаштитени деца. Меѓу добитниците се најде и академик Пјер Маврис од Франција, главниот иницијатор на програмата за размена на студенти „Ерасмус“, велат од Бигорскиот манастир.
Од името на наградените се заблагодари највозрасниот лауреат Михаи Сора од Романија, филозоф и есеист, роден во 1916 година, кој нагласи дека имал можност да ја види Европа во урнатини, крв, раскината од војни, поробена од диктаторски режими, и затоа сега многу се радува што ја гледа обединета, со демократски дух.
На табло во свечената сала, поставено беше кусо резиме за личноста на отец Партениј, напишано на англиски, македонски, бугарски, и француски јазик.
- Добитникот на наградата „Граѓанин на Европа“ за 2018, Игуменот на Бигорскиот манастир, архимандрит Партениј, веќе две и пол децении интензивно се занимава со хуманитарна дејност, работејќи со социјално ранливи категории, коишто се особено актуелен проблем на денешницата. Во духот на европската култура и цивилизација значајно придонесува за градење мостови и унапредување на соработката меѓу народите на културно и духовно поле, како и јакнење на соживотот и меѓусебното почитување. Манастирот Св. Јован Крстител е православен манастир во западниот дел на Република Македонија, стои во резимето.
На отец Партениј наградата му ја честитаа актуелниот претседател на Европскиот парламент, Антонио Тајани, поранешниот, Ханс Герг Петеринг, заменик-претседателот, Димитриос Пападимулис, како и неколку други политичари од Европската Унија. Со сите нив отец Партениј разговараше за евроинтеграцијата на Македонија и ги замоли да помогнат во тој процес.
Инаку, годинешните лауреати во Брисел престојуваа во изминаите два дена, при што имаа можност да се запознаат со Европскиот парламентариум и со историјата на Европската Унија.
Европскиот парламент оваа награда ја доделува од 2008 година на граѓани и организации, кои дале значителен придонес или исклучителна посветеност за подобро взаемно разбирање и потесна интеграција меѓу граѓаните на ЕУ или за олеснувањето на прекуграничната и транснационалната соработка во ЕУ, придонес за долгорочна, прекугранична и транснационална културна соработка што го зацврстува европскиот дух, за негување на вредностите опишани во Повелбата за основните човекови права во Европската унија.