Под мотото „Тука растат“, од денеска до недела на сцената на Драмскиот театар во Скопје ќе се одржува петтото издание на Меѓународниот фестивал за детски театар „Фенер“ во продукција на Буден Театар.
Во фокусот на програмата е екологијата и нашата одговорност да им обезбедиме на децата чиста и здрава животна средина.
Како предвесник на фестивалот, Буден Театар ја спроведе кампањата „Мижи! Замисли промена“, која ги повика децата и родителите преку споделување фотографии на социјалните мрежи да мапираат еколошки проблеми и да замислат идеи за нивно надминување. Дел од испратените фотографии, со испишаните идеи за промена, се изложени на Камениот мост во Скопје.
Во рамки на Главната програма на „Фенер“ се четири меѓународни претстави, наменети за различни возрасти на деца. Фестивалот ќе биде отворен со словачкиот театар „Одиво“ со „Аеро“, претстава-лабораторија за воздух, наменета за деца над една ипол година.
Претставата „Ленка“ на Куклениот театар од Бјалисток, Полска е наменета за деца над тригодишна возраст. Петар Никл доаѓа од Чешка и носи еден куп бубачки кои кога слушаат музика умеат да цртаат. Во „Бубачкување“, перформанс за сите возрасти, тој е нивниот диригент. Израелската уметница Мајан Јунман раскажува „Хартиена приказна“ наменета за деца над петгодишна возраст.
Како дел од придружната програма, в сабота ќе има урбани еколошки акции „Замисли промена“ преку кои ќе се реализираат три детски идеи за промена, дел од проектот „Мижи! Замисли промена“, поддржан од ФООМ.
Неделата е посветена на проектот „Триаголници на соработка“, поддржан од Швајцарската амбасада во Македонија, преку презентација во фоајето на Драмскиот театар во Скопје, а потоа се оди на дестинација - креација Матка.
„Коко Даш“ од Србија ќе го разубават Драмскиот театар во Скопје со интерактивната изложба „Дрвото кое недостасува“, која ќе биде поставена во текот на трите фестивалски денови.
Билетите во продажба за претставите од главната програма можат да се најдат на билетарницата на Драмски театар-Скопје по цена од 200 денари. Активностите од придружната програма се бесплатни, а за дестинација - креација Матка потребно е пријавување на budnipretstavi@gmail.com
Меѓународниот фестивал за детски театар е поддржан од ЕУ Инфо центар, Министерство за култура, Град Скопје, Фондација Отворено Општество Македонија, Швајцарската амбасада во Македонија, Српскиот културно-информативен центар во Македонија „Спона“, Чешката амбасада во Македонија и хотелите „Арка“ и „Стоун Бриџ“.