Во рамките на својата работна посета на најголемата книжевна манифестација во европски рамки, Саемот на книгата во Франкфурт, министерот за култура Асаф Адеми, денеска оствари средби со раководните структури на саемот, со директорот за меѓународна соработка Тобијас Вос и со генералниот извршен директор Јурген Бос.
Како што соопшти Министерството за култура, на средбите Адеми изразил задоволство што Република Македонија веќе со години е присутна на Саемот, потенцирајќи дека оваа манифестација е убава можност, пред европската и светската културна јавност да се претстави богатството на една национална култура, актуелните културни политики на една држава, степенот на развој на издавачката дејност, но и другите потенцијали од економски, туристички и други аспекти.
- Република Македонија е современа културна и книжевна средина и презентацијата на авторите од Република Македонија и нивното творештво во меѓународни рамки е приоритет на Министерството за култура, изјавил Адеми.
На средбите соговорниците биле информирани дека во Република Македонија се прават напори за олеснување на пробивот на авторите на меѓународниот пазар преку мерки како што е Конкурсот за странски издавачи. Воедно Адеми информирал и за заложбите да се ефектуира работата на посебната Агенција за книга која во иднина ќе се грижи за сите активности поврзани со литературната и издавачката дејност.
На средбите со директорот за меѓународна соработка и извршниот директор биле разменети размислувања околу искуствата и практиките кои овозможуваат ефикасна промоција на една држава на оваа голема меѓународна манифестација.
Исто така бил изразен интересот за поголема соработка со германските издавачи и автори, како и подготвеноста и интересот за државно претставување на Република Македонија во рамките на програмата „Почесни гости“ (Guest of Honour) на Саемот на книгата во Франкфурт.
Адеми изразил уверување дека Република Македонија и Министерството за култура ќе ги вложат сите свои капацитети и можностите за едно достојно претставување на нашата држава на овој престижен саем.
Во попладневните часови министерот за култура треба за оствари средба и со извршниот директор на Традуки, чија полноправна членка Република Македонија стана во ноември 2017 година.