Општина Крушево организирано се подготвува и годинава за заеднички пречек на маратонците кои ќе трчаат во чест на Тоше. Маратонците трчаат од Нова Градишка, Хрватска каде во сообраќајна несреќа на 16 октомври 2007 година трагично го загуби животот нашата најголема музичка ѕвезда Тоше Проески. Во Крушево тие треба да пристигнат во вторник на 16 откомври на денот кога загина Тоше.
Од локалната самоуправа на Крушево најавуваат дека во вторник се организира заеднички, потопол пречек.
- Организираме заеднички пречек во Крушево на маратонците во чест на Тоше. Оваа година сакаме да организираме потопол пречек кој нема да се случува само на Гумење, туку и низ улиците во градот каде што ќе поминуваат маратонците, информираат од локалната самоуправа.
Идејата е сите заинтересирани (институции, кафулиња, издавачи на соби, ресторани, пицерии, продавници, граѓани и др.) да набават за себе по една ружа и по можност да учествуваат со повеќе ружи како донација за настанот.
- Претставниците од институциите и приватниот сектор и сите граѓани околу 12 часот да излезат на улиците во градот и при поминувањето на маратонците да ги спуштат ружите покрај патот. Овие ружи како симбол ќе останат на улиците во текот на целиот ден, објаснуваат од крушевската локална самоуправа.
Сите заинтересирани може да се јават во општината или на телефонски број 075 252 133 и да го потврдат своето учество. Од општина Крушево апелираат до сите институции и сопственици на приватни претпријатија да учествуваат со своја донација во овој настан.
- Со ова ги покануваме сите граѓани во 12 часот во вторник, 16 октомври, да присуствуваат на свечениот пречек на маратонците, кој покрај на улиците низ градот ќе се случува и на „Гумење“. Сите заедно да организираме еден допол пречек на маратонците и уште еднаш да го споменеме името на Тоше и да покажеме колку ни значи, стои во повикот на општина Крушево до граѓаните за пречек на маратонците кои трчаат во чест на Тоше.
Организатори на ова, заедно со локалната самоуправа на Крушево се и средното и основното училиште од Крушево: „Наум Наумоски Борче“ и Никола Карев“ како и јавното претпријатие „Комуна“ од Крушево.