Во Домот на културата „Тошо Арсов“ во Виница од 22 до 29 октомври ќе се одржува Фестивалот на хумор и сатира „Ин Виница веритас“, кој одбележува 25 години од основањето и станува препознатлив не само во општината, туку и во државата.
Манифестацијата одамна е и на интернационалната мапа на фестивали за хумор и сатира, пред се со учеството на карикатуристи од целиот свет, а годинава преку 300 од нив се пријавија на објавениот конкурс на тема „Часовникот на судниот ден“, беше речено на прес-конференцијата на која беше претставена и фестивалската програма.
- Токму на отворањето на фестивалот ќе биде изложбата на карикатури од конкурсот, а ќе бидат доделени награди и признанија за најдобрите. Во театарската програма публиката ќе може да ги види комедиите „Кец на десетка“ на МНТ, „Дони Дарк“ на театарот Комедија, „Мани, мани, мани“ на театарот „Трајко Прокопиев“ од Куманово, а гости ќе ни бидат и аматерскиот театар од Трјавна, Бугарија, со претставата „Љубов под хипноза“. Освен тоа, ќе има и една кабаретска претстава, театарска работилница насловена „Театарски речник од деца за деца“, како и промоција на книгата афоризми „Трагачи по парадокси“ од нашиот верен соработник Миле Ѓорѓијоски, истакна Јовица Илиев, директор на Домот на културата „Тошо Арсов“ од Виница.
Веднаш по промоцијата на книгата на Ѓорѓијоски во Виница, таа ќе се најде и на овогодишниот саем на книгата во Белград, на штандот на Министерството за дијаспора на Србија. Од општината се заблагодарија за неговата поддршка околу организацијата на фестивалот.
- Сакаме јавно да им се заблагодариме на луѓето кои пред 25 години го започнаа и практично се основоположници на фестивалот „Ин Виница веритас“, за што на првиот фестивалски ден ќе им доделиме признанија. Годинава првпат ќе се одржи и интернационална вечер на хумор и стаира, со што манифестацијата добива пошироко значење, истакна Ивица Димитров, градоначалник на Виница.
Фестивалот „Ин Виница веритас“ се одржува под покривителство на локалната самоуправа на Виница, а со поддршка од Министерството за култура и локалниот бизнис-сектор.