Првпат пред прилепчани синоќа беше отворена изложбата на фотографии за фрескоживописот на црквата „Св. Ѓорѓи“ во Курбиново. Околу 30 фотографии, што ги направиле студентите по дигитална фотографија од универзитетот „Георг Аугустус“ од Гетинген претставуваат поединечни фигури и сцени од фрескоживописот, светски познато од византискиот период кој датира од 12. век.
Александар Василески, истражувач во Институтот за старословенска култура од Прилеп вели дека ова е ретка можност за запознавање со едно од најзначајните културни богатства во светски рамки.
-Изложбата е посветена на фрескоживописот на црквата „Св. Ѓорѓи“ во Курбиново и е насловена „Црквата Свети Ѓорѓи во Курбиново“- ремек дело на византиската уметност во Македонија“. Со ова правиме обид, истовремено, со светската јавност и домашната публика да може да се запознае со еден споменик на византиската уметност кој е на наше тло и претставува едно од најзначајните културни богатства во светски рамки. Но, и покрај тоа што некој има основни познавања, покрај претставата за најпознатото дело - „Ангелот од Курбиново“ кој е на банкнотата од 50 денари, со ваква акција ќе ја запознаеме подетално публиката со значењето фрескоживописот во црквата „Св. Ѓорѓи“ во Курбиново, појасни Василески.
Тој додаде дека Изложени се 30 фотографии кои се избор од преку 200. Претставени се поединечни фигури, детали, сцени од црквата и ја покажуваат состојбата на фрескоживописот кој датира од 1191 година пред конечната конзервација која е во тек.
Досега изложбата е претставена во Скопје, Минхен и во Романија.
Ова претставува дел од проектот „Маско 360“ од 2016 година со кој се опфатени повеќе споменици во Македонија и е проект во рамките на европската година на културата. Изложбата ја реализира здружението „Менелај“ од Прилеп, во соработка со Институтот за старословенска култура со здружението за промоција, валоризација и педагогизација на културното наследство „Македонида“ од Скопје во рамките на манифестацијата „Нов културен бран“.