Во Градскиот парк во Струмица се шират најразлични вкусови од многу кујни од најразлични светски меридијани. Причина за тоа е Третиот Меѓународен гастрономски натпревар-„ГастроМак Македонија 2018“, кој се одржа од 8 до 12 октомври во Струмица, а домаќин беше Хотелот „Вила Парк“.

Веднаш, откако ќе се упатите кон првиот кат во Централната сала на овој прекрасен хотелски и угостителски комплекс, ќе почуствувате најразлични мириси од јадења од многу делови на светот. Таму беа сместени десетината натпреварувачки боксови, во кои се подготуваа најралични специјалитети од страна на стотината натпреварувачи од над триесет земји од целиот свет или како што би рекла претседателката на „ГастроМак“, Адријана Алачки, од Монголија и Кина, Индија и Кореа, до Мексико.

- Поттикнати и охрабрени од извонредните реакции од светските гастро-авторитети за организацијата од минатата година, задоволство ми е да најавам дека и оваа година настанот го носиме на рамниште погоре. Со несебичната поддршка од World Association of Chefs Societies (Светската организација на шефови на кујни), со седиште во Париз, Франција, натпреварувањето е со предзнак-Континентално, што дефинитивно значи етаблирање на „ГастроМак“, на Македонија и на градот домаќин-Струмица за ѕвезди на светската гастрономска мапа, рече на отворањето на манифестацијата, претседателката на „ГастроМак“, Адријана Алачки.

На просторот за подготвување јадења како на филмска лента се менуваат натпреварувачите. По подготвувањето на јадењето, кое се одвива под будното око на многуте жири комисии и откако ќе биде оценето се носи на посебна маса каде по некое време е достапно за посетителите. Нив најмногу ги има од Струмица, но имаше и една група жени од Прилеп, кои во Струмица допатуваа посебно за манифестацијата.

- Дојдовме специјално за „ГастроМак“. Воодушевени сме од тоа што го гледаме. Има разновидни јадења од многу земји и се многу убаво подготвени, но најмногу ми се допадна софрата од Лесковац, рече Рајна Оглеска од Прилеп.

А токму пред масата на гостите од Лесковац има што да се види. Полна и за очи и за уста. Под раководство на професорот Ивица Здравковиќ учениците од тамошното угостителско училиште многу прецизно ја подготвуваа презентацијата.

- Тука презентираме поставка на национална кујна. По втор пат сме на манифестацијата. Лани освоивме девет златни медали и неколку сребрени, а годинава мислам дека има поголема конкуренција и полека „ГастроМак“ станува светско натпреварување, рече Ивица Здравковиќ од Лесковац.

Голем интерес кај посетителите, но и кај учесниците предизвика мастер класот на шефот Маџид Ал Сабат од Сирија. Тој презентираше подготување на сириска свежа салата.

- Јас живеам во Шаржа, во Сирија. Со големо задоволство присуствувам на ова натпреварување и многу пријатно се чувствувам во Македонија и сум горд што сум дел од овој настан. Имам можност да запознам многу колеги, но и да вкусам различни вкусови од целиот свет. По прв пат сум во Македонија и ја сакам многу нејзината храна. Подготвив една специфична салата од Средна Сирија, која е многу свежа и многу од производите за нејзина подготовка ги има тука, рече Ал Сабат.

Директорот на Стручниот колегиум на жирото, Ѓорѓе Кoстиќ, смета дека оваа манифестација е на врвот на Балканот.

- На едно место имаме многу национални кујни и учесници од преку 30 земји, Тоа е импозатна бројка и е многу поголема во споредба со многу други натпреварувања од таков карактер. Сметам дека Струмица и хотелот „Вила Парк“ го заслужуваат првото место во Балканската кујна. Тука треба да биде центарот на Балканската кујна, смета Костиќ.

Додава дека Македонија ги има сите предуслови за развој на гастрономскиот туризам.

- Македонија е мала земја, но богата со гостопримство, со еколошки здрава храна, природна храна, без хемија и ГМО и овие природни ресурси кои ги има вашето земјоделство треба да придонесат Македонија да биде туристичка дестинација, односно гастро дестинација. Македонија и Струмица треба овие денови да се преполни со гости. Ако доаѓаш како натпреварувач со себе треба да донесеш уште педесет различни бизнисмени, кои се занимаваат со хотелиерство и угостителство и имаат голем интерес за купување храна и пијалоци, рече Костиќ.

Третиот Меѓународен гастрономски натпревар „ГастроМак Македонија 2018“, заврши на 12. овој месец со доделување на медали и призанија на најдобрите готвачи.

До идниот, четврти натпревар, вкусовите од овој уште долго ќе се чувствуваат во ѕвездениот град и ќе сведочат за широко отворените порти на градот за сите љубители на вкусниот залак.

Ристо Тасев



Автор: Администратор
Објавено на: 13/10/2018 12:49