Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди во Министерството за внатрешни работи до Основното јавно обвинителство Велес поднесе кривична пријава против С.Ф.(27) и Д.Т.(22), полициски службеници од Полициската канцеларија Демир Капија, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „примање поткуп“, изјави денеска портпаролот на МВР, Тони Ангеловски.

Тој посочи дека полициските службеници на 11 октомври околу 16 часот на автопатот во близина на Демир Капија сопреле возило на српски државјанин и му побарале и примиле поткуп од 50 евра во замена за тоа да не изготват записник за сторен сообраќаен прекршок.

- Оштетениот ги дал парите, но веднаш потоа се упатил во Полициската станица Неготино, каде го пријавил случајот и веднаш е активирана внатрешната контрола во МВР која во содејство со јавниот обвинител од ОЈО Велес презеде мерки и активности за прибирање докази и документирање на случајот. Веднаш по документирање на случајот лицата се предадени на Основното јавно обвинителство, а судија на претходна постапка им одреди мерка притвор во траење од 30 дена, додаде Ангеловски.



Автор: Администратор
Објавено на: 13/10/2018 13:02