Квалитетните преведувачи тешко доаѓаат до израз и често се незабележани во мноштвото преводи на пазарот. Според професионалците во оваа дејност, неквалитетни или недоволно созреани преводи се појавуваат затоа што главен критериум е цената, роковите се најчесто кратки. Се случуваат и лекторски и уреднички интервенции без консултација со преведувачот и сето тоа резултура со недоверба на читателите во делото.
Делегацијата на Европската Унија и Здружението на преведувачи и толкувачи на Македонија петта година ја доделија наградата „Вавилон“, чија цел е да ги издвои и промовира најдобрите млади преведувачи и да го вреднува нивниот квалитет. Во услови кога во државата не постои оценка на извршените преводи и не се гради критички однос кон преводите, оваа награда има уште поголемо значање. На петтиот конкурс „Вавилон“ првонаградени беа Никола Спасовски и Ардита Зулфиу.
Никола првпат учествуваше на конкурсот и првата награда ја доби за преводот на „Мојата вистинска приказна“ (Mi verdadera historia) од Хуан Хосе Миљас од шпански на македонски јазик. Тој е студент на шпански јазик и книжевност на Филолошкиот факултет на Скопскиот универзитет и работи на својата дипломска.
Ардита, исто така, се подготвува да дипломира на студиите по англиски јазик и книжевност на Државниот универзитет во Тетово. Таа е двократен победник на овој конкурс - минатата година беше првонаградена за превод од англиски на албански, а оваа година за преводот од шпански на албански јазик на книгата „El Laberinto de los Espiritus" (Лавиринтот на духовите) од шпанскиот писател Карлос Руиз Зафон.
Јазиците се богатство, вели Ардита, и секој изучен јазик влијае на начинот на кој мислиме и ни го менува погледот на светот. Јазичните вештини, нагласува таа, нудат широк спектар на можности.
- Уште како дете бев изложена на различни странски јазици, почнувајќи од македонскиот јазик, кој ми ја отвори вратата кон другите јужнословенски јазици, шпанскиот јазик, англискиот, а во последно време и турскиот јазик. Преводот е област што ме интригира и ме предизвикува. Засега, најмногу ме исполнува литературниот превод, кој за мене е уметност сам по себе. Тој е и алатка да се урне јазичната бариера при читањето книги и да се придонесе за подобро општество, изјави Ардита.
И за Никола преведувањето е една од опциите за кариера. Би сакал, рече, да продолжи на постидпломски студии во областа на преводот за европските институции, и крајната и, како што вели, најидеална цел, му е да преведува за Европскиот парламент или Европската комисија. Истовремено, сака да се занимава и со книжевен превод затоа што тоа му претставува поголемо задоволство.
- Како почетник, не можам да кажам колкав е интересот за превод од шпански во Македонија. Но сигурен сум дека интересот сѐ повеќе ќе расте со оглед на тоа што шпанскиот почнува полека да се израмнува со англискиот. За преводот од шпански на македонски и обратно најголем проблем е немањето комплетен речник. Постојат неколку, но се нецелосни и не е можно да се потпреш на нив, па, најчесто, мора да се оди преку англиско-шпански/англиско-македонски за да се стигне до целниот јазик. Најголем предизвик при преводот е да се остане верен на оригиналот и да се пренесе духот на едно дело од јазикот-извор до јазикот-цел. Исто така, треба да се внимава на идиомите имајќи предвид дека јазиците постојано се збогатуваат и се менуваат. Затоа, кога нешто ни звучи сомнително, треба да се провери неколкупати, истакнува Никола за МИА.
Ардита, исто така, смета дека најголем предизвик при преведувањето се идиомите и фразеолошките изрази за кои треба да се најде еквивалент. Преводот, вели таа, треба и да ја рефлектира културата на говорниците на целниот јазик и да и им звучи што е можно поприродно.
- Многу често, дури и зборовите кои на прв поглед изгледаат сосема обично, имаат скриена двосмисленост, затоа треба длабоко да се анализираат за да се декодира нивното значење. Најголем предизвик за мене е дистанцирањето од преводот што ми овозможува да судам за текстот на пообјективен начин и да ги пронајдам грешките што ги пропуштам поради приврзаност со текстот. Затоа, во принцип, секогаш барам мислење од најблиските кои често знаат да ме изненадат со сјајни предлози и идеи за подобрување на преводот, додава таа.
Според Огнена Никуљски, претседателка на Здружението на преведувачи и толкувачи на Македонија (ЗПРМ), младите и сè уште неафирмирани преведувачи не можат да постигнат ниту релативно пристојна цена за својот труд. Многупати мора да прифатат каква и да е понудената цена за да влезат на пазарот на труд, а откако ќе влезат со таква цена, многу е тешко таа да се покачи.
- Младите заслужуваат можност да се афирмираат во професијата книжевен преведувач, а „Вавилон“ е извонредна можност за тоа, истакнува Никуљски за целите на овој конкурс, на кој може да учествуваат преведувачи до 26 години. Тие се пријавуваат со преводи на литературни дела од некој од 24-те официјални јазици на ЕУ на кој било од јазиците кои се зборуваат во Македонија.
Најголем број од преводите пријавени на конкурсите од 2013 до 2018 биле од англиски, шпански, германски, италијански и од француски, а оваа година првпат имале од холандски и од хрватски јазик. Голем е интересот за конкурсот во изминатите пет години, вели Никуљски, а исто така младите се заинтересирани и за првичните работилници за книжевен превод кои ЗПРМ ги организира набргу по објавата на конкурсот.
- За жал, подоцна, кога треба да седнат да истражуваат за да најдат соодветно книжевно дело, објавено во ЕУ првпат во последните три години и да го сработат преводот, како да губат здив. Но, најхрабрите и најпосветените остануваат и обично добиваме околу 15 преводи. Тоа не е малку, но, за жал, целосно не ги исполнува очекувањата. Особено за преводи на другите јазици што се зборуваат во Македонија. Досега најголем број преводи се од некој од официјалните јазици на ЕУ на македонски, потоа, во значително помал број, на албански и на турски. Од другите јазици досега не сме имале преводи. Се надеваме на поголем избор во иднина и на преводи на јазиците на помалите заедници во нашата земја. Тоа ќе ја збогати нашата културната ризница и ќе овозможи зачувување и унапредување на сите јазици што се зборуваат кај нас, вели Никуљски за МИА.
За да допрат до сите млади луѓе во земјава, нивното здружение организира работилници во Штип, Тетово, Битола, Скопје, а од оваа година ги посетуваат и средните училишта.
ЗПРМ и Делегацијата на ЕУ го отворија и шестиот конкурс за „Вавилон“ на кој кандидатите треба да ги достават своите пријави и преводи до 1 април 2019.
Преводите што се пријавуваат на конкурсот ги разгледуваат две комисии. Првата е двојазична која го споредува преводот со оригиналниот текст. Се разгледува лексиката, синтаксата, вокабуларот и другите јазични и граматички категории. Се гледа креативноста, доследноста и верноста кон оригиналниот текст. Се оценува и владеењето на јазикот на кој се преведува. Сите овие елементи се важни, но најважна е креативноста и познавањето на обата јазика.
Потоа, преводите заедно со оценките од двојазичната комисија ги прегледува еднојазична комисија која ги гледа само преводите и тоа од аспект на креативност, читливост, почитување на нормите на целниот јазик. Организацискиот одбор потоа ги собира поените и го одредува победникот. Никуљски потенцира дека ниту еден член на одборот и на комисиите нема никаков пристап до името на преведувачот. Преводите добиваат лозинка и така се обработуваат до крајот за да се спречи какво и да е фаворизирање. Соопштувањето на наградените е секоја година на 26 септември - кога се одбележува Европскиот ден на јазиците, востановен од Советот на Европа.
Според претседателката на ЗПРМ, квалитетниот превод е верен на оригиналот во онаа мера во која го дозволуваат двата јазика – јазикот на делото и јазикот на преводот. Верен, вели таа, треба да се разбере како пренесување на духот, ритамот, јазичното богатство и целоста на оригиналот. Верен не значи само пренесување зборови, туку пренесување смисла и дух со максимална почит кон стилот на авторот.
- Добар превод е оној кој кога го читате немате впечаток дека читате превод туку дело напишано на јазикот на кој читате. Добар превод е оној кој ќе произлезе од исцрпно истражување - и на авторот, и на времето во кое се одвива дејствието, и на духот на епохата и нивно пренесување на целниот јазик. Добар превод е оној во кој креативноста на преведувачот нема да ја наруши целоста на оригиналот, туку само ќе ја збогати. Преводот не смее да пресоздаде дело во кое нема да се препознае авторот на оригиналот. Преводот треба да биде пресоздавање на делото во еден друг јазик, во друга култура и опкружување, но како тоа да го направил самиот автор, истакнува Никуљски.
Здружението на преведувачи и толкувачи чиј претседател е таа има околу 60 членови и ги обединува носителите на сите видови превод. Целта му е да ја подигне свеста за оваа професија и затоа секоја година организира конференција на која се разгледуваат прашања од нивниот домен на работа. Организира и работилници посветени на различни прашања околу преводот. Покрај тематските кои се поврзани со „Вавилон“, ЗПРМ организира и работилници за авторските договори и обликот во кој преведувачите максимално ќе ги заштитат своите права, за улогата на преведувачот во процесот на медијација, за оригиналноста на преводот и почитта кон индивидуалноста на авторот и кон јазикот...
Здружението има и договор за соработка со Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ и организира менторска настава за студентите со цел на продуктивен начин да ја остваруваат својата обврска за практична работа. Конференцијата на ЗПРМ оваа година е планирана за ноември. Ќе биде посветена на судскиот превод и, вели Никуљски, на голем број проблеми на тој план.
- Ќе зборуваме за законодавството кај нас, за толкувањето во судница и недостигот од соодветен протокол и упатство за преведувачите и за судиите, преглед на состојбите во регионот и друго. Ние сме мала земја и нашиот јазик го зборуваат многу малку луѓе споредено со големите јазици. Нашиот прозорец кон светот е токму преводот и наше длабоко уверување е дека на оваа професија и активностите врзани со неа треба да им се посвети должно внимание, нагласува претседателката на ЗПРМ.
Хатка Смаиловиќ