Традиционалниот собир на манастирско-туристичкиот комплекс “Еленец“ во село Цера кој трае со години и денеска по повод христијанскиот празник „Покров на Пресвета Богородица" ги собра верниците кај манастирот кој го носи името на Мајката Божја и се слави секоја година на 14 октомври.

Како што велат организаторите, овој собир е еден од најстарите и традиционалните во село Цера.

- Собирот е во организација на жителите од селото, но и здружението на граѓани “Еленец“ од село Цера. Општина Македонска Каменица заедно со Културно-информативниот центар „Романса“ и КУД „Вера Јоциќ“ секоја година активно учествуваат во спроведување на програмските активности, така и оваа година има предвидено богата музичка програма каде присутните на манифестацијата ги забавуваат неколку музички групи и културно-уметнички друштва. Освен тоа за присутните е организиран и црковен ручек, велат од Здружението на граѓани „ Еленец”.

Како што раскажуваат мештаните, легендата за манастирот „Покров на Пресвета Богородица" датира од римско време.

- Постојат податоци уште од римско време кои велат дека верниците доаѓале местото каде имало издлабена карпа, и поставено икона пред која се молеле, а карпата стои и ден денес на Еленец каде има света вода за која се верувало дека била лековита. Потоа овде се изградило мало манастирче веднаш до светата вода за во деведесетите години од минатиот век манастирот да се изгради и да го добие денешниот лик, велат мештаните.

Денешниот празник освен во каменичко се славеше и кај манастирот „Св.Богородица Балаклија“ во Делчево.



Автор: Администратор
Објавено на: 14/10/2018 20:33