Членови на планинарскиот спортски клуб „Голак“ Делчево како и членови од огранокот ПСК „СОСНА“ од Берово, учествуваа на искачување на врвот „Зелен Брег“ 2.166 метри надморска висина, кој е највисок врв на планината Кожуф од македонска страна. Како што информираше Љупчо Чучуковски, претседател на ПСК „Голак“ искачувањето се реализирало по повод 14. Меморијален планинарски марш Димитар Кангов - Кангата. - Почетна точка беше месноста Аџибарица на 1650 метри надморска висина, па преку Марково Езеро 2035 м.н.в., се до врвот Зелен Брег на 2166 м.н.в., кој се наоѓа на македонска страна. Исто така, беше искачен и врвот „Ѕена Пик“ 2182 метри надморска висина, кој се наоѓа на 500 метри во грчка страна и кој е всушност највисок врв на планината Кожуф како целина. Благодарност до организаторот ЗПСК „Кожуф“ од Гевгелија кои беспрекорно го организираа настанот, рече Чучуковски. Додава дека временските услови на маршот биле добри, така што сите планинари кои учествувале од повеќе градови на Македонија и Бугарија без проблеми и повреди ја завршиле планинарската маршута. Вкупната должина на планинарскиот марш изнесувала 14 километри во двата правци со висинска разлика од 516 метри.