Со трибина во просториите на општина Тетово повеќе членови на Здружението на слепи од Тетово го одбележаа 15 Октомври - Светскиот ден на белиот стап. На трибината од нивна страна беа истакнати повеќе барања кои би им го олесниле животот на слепите лица во градот.

Вкупно 184 лица со оштетен вид од градот и околината се дел од од ова здружение од каде што велат дека белиот стап се помалку се користи од нивните членови и тоа најчесто поради архитектонските бариери.

- Во нашето здружение членуваат слепи лица и лица со оштетен вид од над 90 отсто така што наши главни цел се да им помогнеме во описменувањето со Брајова азбука, образованието, рехабилитацијата, вработувањето, социјалниот живот и така натаму. Поради архитектонските бариери само 20 наши членови кои се потполно слепи го употребуваат белиот стап при движење но и тоа го прават со придружник. Она што особено го отежнува движењето на слепите лица во Тетово е тоа што нема соодветни патеки, ниту пак било која од институциите има натпис на Брајово писмо за тие самостојно да можат да ја пронајдат, вели секретарката на Здружението на слепи од Тетово Лидија Андоновска.

Градоначалничката на општина Тетово Теута Арифи која присуствуваше на трибината најави дека во соработка со странска организација во основното училиште „Братство Миѓени“ ќе биде опремена соодветна просторија, по што ќе биде отворена паралелка за осум деца со оштетен вид за и тие да бидат вклучени во образовниот процес.

Во однос на немањето можност за слободно движење низ градските тротоари таа рече дека еден од приоритетите на локалната администрација е ослободување на пешачките површини особено од несоодветно паркираните автомобили или предмети од трговците не само за слепите, туку и за сите граѓани да можат полесно да се движат низ градот.



Автор: Администратор
Објавено на: 15/10/2018 15:57