И граѓаните и претпријатијата од Кумнаово утре можат да донираат храна пред маркетите „Тинекс“ и „Елида“ во центарот на градот, информираа денеска од општинската организација на Црвениот крст и здружението „Инклузива" од Куманово.
Овие организации заеднички се вклучија во подрдшката на граѓанската иницијатива „Ајде Македонија" која се одвива под мотото „Сите сити", а има за цел да нахрани 10.000 социјално загрозени семејства на ниво на државата.
- На акцијата граѓаните и фирмите ќе имаат можност да донираат конзервирана храна на однапред утврдени пунктови пред маркетите, а подоцна ќе се дистрибуира до најзагрозените семејства, изјави, секретарот на општинската организација на Црвениот Крст, Бојан Петрушевски.
Пожелно е да се донира храна, која не е лесно расиплива како ориз, грав, сол, шеќер, брашно, тестенини, масло за готвење, грашок, конзервирана риба, супа кокошкина, бисквити, кечап, леќа, конзервирано овошје и зеленчук.
Националната хуманитарна акција „Нахрани 10.000“ за собирање храна е национална акција за донирање храна на одбрани локации и нејзино дистрибуирање до социјално загрозените граѓани. Целта е на граѓаните да им се даде можност редовно да донираат храна до нашите сограѓани преку собирање еднаш месечно на 10 тони храна која ќе заврши во рацете на 10.000 граѓани. Според Државниот завод за статистика во Македонија имаат проблем да обезбедат храна околу 450.000 луѓе и во просек имаат по еден оброк дневно. Од друга страна, годишно во Македонија се фрлаат околу 12.000 тони вишок храна што претставува за околу 26 000 граѓани да имаат по три оброка дневно. Со намалувањето на количеството отпад од храна и дистрибуцијата на вишокот храна на луѓето на коишто им е потребна, Македонија може да го намали проблемот со гладот и сиромаштијата.