Научни трудови на тема „Почетоците на австриската дипломатија во Македонија со посебен осврт на австро-унгарскиот конзулат во Битола 1851-1919 година“, беа презентирани од страна на домашни и странски истражувачи, на дводневниот научен собир во Битола, организиран од амбасадата и почесниот конзулат на Австрија во Битола, во соработка со национални и локални институции.

На собирот, почесниот конзул Валентина Илиева посочи дека најголем извор за собирање информации поврзани со австриската дипломатија во Македонија и тогашниот австро-унгарски конзулат во овој град се сочувани во Државниот архив на Република Австрија основан во 1749 година.

-Освен од австрискиот архив, за научниот симпозиум користевме и вредни фотографии од Државниот архив на Македонија, одделение во Битола каде се сочувани делата на Милтон Манаки. Но, за оваа ретка прилика користевме и фотографии од Државниот архив во Бамберг, односно фотографии на конзули, вице конзули и други лица кои биле на должност во Битола, рече Илиева, на свеченото отворање на симпозиумот.

Меѓу дваесеттината трудови се и трудот на Кристијан Ортнер „Австро-унгарска офицерска мисија во Македонија 1903-1909“, трудот на Игор Јуруков за „Влијанието на австо-унгарскиот конзулат во Битола на образованието на учителите во Македонија во периодот 1851-1919 година“, Барбара Ахамер пишува за „Малцинствата и Првата светска војна-историја за Власите“, додека Арети Сидовска и Јовица Гроздановски истражуваа на тема „Добротвори на Битолаод Хабсбуршката Монарија“.

Трудовите ќе бидат публикувани во Зборник, чиј издавач ќе биде Македонско научно друштво-Битола.

Во рамки на настанот градоначалничката на Битола, Наташа Петровска отвори изложба на ретки фотографии на тема „Конзулска Битола од првиот Австриски конзулат до Првата светска војна 1851-1919“.



Автор: Администратор
Објавено на: 15/10/2018 16:59