Општинската организација на Црвениот крст од Охрид и оваа година по повод Светскиот ден на борбата против гладта организира хуманитарна акција насочена кон помош на најсиромашните лица во градот.
Под мотото „Помислете и на нас“ од 16 до 22 октомври ќе се спроведат активности за собирање на финансиски средства преку продажба на вредносни бонови и прибирање на доброволни прилози наменети за набавка на прехранбени производи за подготовка на хуманитарни пакети за социјално најзагрозените семејства од Охрид.
Во текот на акцијата во поголемите маркети низ градот ќе бидат поставени видно обележани корпи во кои граѓаните ќе можат да донираат прехранбени производи.
Истовремено активистите на Црвен крст упатуваат апел до граѓаните на Охрид, фирмите и институциите од градот да се вклучат во хуманитарната акција, во Неделата на борба против гладта и согласно можностите да им помогнат на социјално најзагрозените семејства од Охрид и Дебрца.