Да се спроведе проектот за изградба на рехабилитациски центар за згрижување на повозрасни слепи лица кои не се згрижени со своите семејства за да можат да го продолжат натамошниот живот преку процесот на рехабилитација. Ова е едно од барањата кое денеска го упатија слепите лица од источниот регион кои во чест на Меѓународниот ден на слепи лица во Делчево ја одржаа петтата меѓугранична средба со слепите лица од регионот на Благоевград, Република Бугарија, со што одбележаа 10 години од заедничката соработка. Како што истакна Столе Иванов од село Спанчево, кој 37 години е член на здружението на слепи лица, државата треба да се заложи и во делот на набавка на медицински помагала кои им се потребни на лицата со оштетен вид. - Ние како оштетени лица сакаме да испратиме еден апел до институциите да помогнат да се спроведе проектот за изградба на рехабилитационен центар за згрижување на повозрасни слепи лица кои не се згрижени со своите семејства. Исто така, бараме да почнат да се отстрануваат бариерите, кои што и до ден денес се пречки за раздвижување на слепите лица низ градските средини. Она што е најважно за нас е донесувањето на закон со кој државата ќе има повеќе удел за набавка на помагала за лицата со 100 процентно изгубен вид бидејќи од државата за жал немаме ниту едно од помагалата кои ни се потребни во секојдневното живеење, вели Иванов. Во однос на заедничките проблеми, како што истакна Владислав Лазаров, претставникот на слепи лица од Бугарија, најголем проблем е придвижувањето на слепите во урбаната градска средина, како и нивното образование и адаптирање на европските закони во однос на правата на слепите во Македонија и Бугарија. Во источниот регион како што информираше Крум Гогов, претседателот на здружението на слепи лица од источниот регион фигурираат 120 слепи лица од кои 45 се од Делчево.