Градење мрежи за отпорни градови и отпорни населени места е целта на втората регионална работилница што ја организираат Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) и Центарот за развој на Југоисточниот регион.

На работилницата денеска и утре ќе дебатираат повеќе од 120 претставници од повеќе земји од Југоисточна Европа, претставници на УНДП од земјите од ЈИЕ, регионални организации за справување со кризи и кризен менаџмент и служби за цивилна заштита.

Раководителот на Програмата за животна средина и намалување ризици од несреќи и катастрофи во УНДП Македонија Анита Коџоман изјави дека се работи за проект финасиран од ЕУ, а имплементиран од канцелариите на УНДП во соработка со националните и локални агенции кои работат на овие прашања и општините.

Таа појасни дека треба да се работи на менување на постоечката законска рамка, на подигање на свеста, да се зајакнат инспекциите во однос на илегалната сеча на дрва, да се решава управувањето со отпадот и неговото фрлање во водотеците.

Општините кога планираат, изработуваат ДУП-ови, да водат сметка каде им се ризиците, кои се тие подрачја. И локалните и централните власти во своите буџети треба да издвојат средства за превенција и за градење капацитети, а не само средства кои се употребуваат кога нешто ќе се случи.

Регионалниот технички советник од Хрватска Крунослав Катиќ изјави дека идејата во ЕУ и глобално е повеќе да се работи на превенција.

- Подготвеност на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) и Центарот за управување со кризи (ЦУК) е една работа, но повеќе треба да се работи со граѓаните, рече Катиќ.

Катиќ, кој работел во Македонија, смета дека таа стои многу добро во однос на другите држави од регионот. Додаде дека сепак секогаш може да биде подобро, и во превенција, подготвеност и по одговор на катастрофи.

На регионална работилница покрај претставници од Македонија, учествуваат и од Албанија, Црна Гора, Србија, Косово, Босна и Хецеговина, а како гости се Молдавија, Ерменија, Грузија, Словенија и Хрватска.



Автор: Администратор
Објавено на: 15/10/2018 17:13