Струшката полиција во периодот од 11 до 14 овој месец привела четири лица од Струга и струшко, кои избегнувале издржување казна затвор, а за дел од нив била распишана централна потерница.
Портпаролот на СВР Охрид Стефан Димоски информира дека се приведени лицата Б.Д. (43), И.М.(47), Д.У. (30) и Р.И.(32).
Во струшкото село Корошишта, како што појасни Димоски, на 11 октомври бил приведен Б.Д. (43), кој со бегство се обидел да ја избегне затворската казна од десет месеци изречена од Основниот суд - Охрид за сторено казнено дело „силување“. Тој е префрлен во Казнено поправната установа -затвор Струга.
- На 13 октомври, приведен е И.М.(47) од струшкото село Радолишта. Тој бил во бегство, а бил осуден од Основен суд - Охрид на две години затворска казна за казнено дело „измама“, како и на затворска казна од една година изречена од Основен суд Гостивар за казнено дело „спречување на овластено службено лице во вршење службено дејствие“. Приведениот е префрлен во Казнено поправната установа-затвор „Идризово“, изјави Димоски.
Истиот ден, додаде, во струшкото село Ливада, приведен бил Д.У. (30) од селото Корошишта, кој за сторено казнено дело „неовластено изработување, држење посредување и тргување со оружје, распрскувачки материи “, од Основниот суд во Струга, најнапред бил осуден на три годишна затворска казна, а потоа со решение на истиот суд, била намалена на 10 месеци и 24 дена. Тој е префрлен на издржување на казната во Казнено поправната установа-затвор „Струга“.
По распишана централна потерница од Основниот суд Скопје 1, на 14 овој месец, во струшкото село Франгово, приведен бил и Р.И.(32) од истото село.
- Тој е приведен во врска со сторено казнено дело „трговија со луѓе“, а потоа префрлен и предаден на овластени службени лица во Основниот суд Скопје 1 за натамошна постапка, истакна Димоски.