Македонија на почетокот на овој месец ја потпиша ревидираната Европска конвенција за копродукции во кинематографијата на Советот на Европа, што е усвоена во 2017 година.

Како што информира Министерството за култура, ревидираната Конвенција е резултат на забрзаниот развој на филмската индустрија во периодот од 1992 година, кога е востановена Конвенцијата, до 2017 година.

- Целта на ревидираната Конвенција е да се обезбеди правна и финансиска рамка за копродукциите на филмови кои вклучуваат најмалку три различни копродуценти основани во државите кои се потписнички на Конвенцијата. Конвенцијата може да биде употребена и како билатерален договор меѓу две страни, стои во соопштението.

Со потпишувањето на ревидираната Конвенција, како што се наведува, се создаваат формално-правни претпоставки за поголема достапност на странските филмски фондови (фондовите на Еуримаж) за копродуцентите од Република Македонија. Ќе се олесни процесот на реализација на копродукции, а размената на странските искуства ќе има позитивно влијание врз унапредувањето и развојот на филмската дејност во Република Македонија.

- Особена придобивка од потпишувањето на ревидираната Конвенција за копродукции во кинематографијата на Советот на Европа е намалувањето на процентот на учество во копродукцијата. Кога станува збор за мултилатерална копродукција, учеството од 10 проценти се намалува на 5 отсто, а кога станува збор за билатерален договор, процентот за учество се намалува од 20 на 10 отсто, се вели во соопштението од Министерството за култура.

Во тек се активности за изработка на закон за спроведување на ратификација на ревидираната Конвенција, кој ќе биде доставен до Собранието на Република Македонија на усвојување.



Автор: Администратор
Објавено на: 16/10/2018 16:32