Тетовецот кој ја лиши од живот својата сопруга е под истрага за три кривични дела: „убиство“, „убиство во обид“ и неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материјали.

Основното јавно обвинителство Тетово, како што е наведено во денешното соопштение, донесе наредба за спроведување истражна постапка против едно лице за кое постои основано сомнение дека ги сторило кривичните дела „убиство“, „убиство во обид“ и неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материјали од Кривичниот законик.

Осомничениот, на 14-ти овој месец при вршење семејно насилство, ја лишил од живот својата сопруга. Делото го извршил во куќата на нејзиниот брат во тетовска Мала Речица, каде што влегол насилно, кршејќи ја бравата. По вербална расправија со сега починатата, кон неа испукал два куршуми од пиштол марка “ТТ“ со калибар 7,62мм, што го поседувал без дозвола, погодувајќи ја во пределот на вратот и на градниот кош. Од здобиените повреди, жената починала на лице место.

По настанот, осомничениот го напуштил местото, а само неколку минути подоцна, со умисла се обидел да лиши од живот уште едно лице. Имено, додека оштетениот се наоѓал во неговото патничко моторно возило и го стартувал за да влезе во неговиот двор, од горната страна на улицата наишол осомничениот со автомобил, застанал паралелно со возилото на оштетениот и испукал кон него два куршуми од истиот пиштол.

Оштетениот успеал да ги избегне куршумите, наведнувајќи се над совозачкото седиште, по што осомничениот го напуштил местото.

Осомниченото лице, како што е наведено во соопштението од Јавното обвинителство, било пронајдено и лишено од слобода вчера попладне во селото Гајре, при што од страна на овластени полициски службеници му е одземен и наведениот пиштол и седум куршуми пиштолска муниција.

Ценејќи дека се исполнети сите законски основи, надлежниот јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Тетово до судија на претходна постапка при Основниот суд Тетово достави предлог за определување мерка притвор за осомничениот.



Автор: Администратор
Објавено на: 16/10/2018 17:37