Триесет и девет годишниот Н.Б. од струшкото село Јабланица вчера околу 14 часот бил физички нападнат од неколку непознати лица.
СВР Охрид соопшти дека Н.Б. (39) во 18 часот и 50 минути во Полициската станица Струга пријавил дека додека се наоѓал на патот за село Богојци за да врши сеча на дрва со претходно добиена дозвола бил нападнат.
Според пријавата, на местото прво дошло едно лице кое било облечено во зелена облека со натпис од Шумско стопанство и не му дозволило да ја изврши сечата. По кратко време со возила дошле уште неколку лица, кои по кратката расправија физички го нападнале.
Н.Б., како што е наведено во соопштението, бил однесен во болницата „Св.Еразмо“ каде му биле констатирани тешки телесни повреди. Полицијата презема мерки за расчистување на случајот.