Во попладневните часови екипа на Територијалната против пожарна единица од Берово учествуваше во акција за гаснење на пожар на три локации во пехчевското село Негрево. Според информациите на Зоран Ајтовски, командир на противпожарната единица од Берово, пожарите зафатиле поголема површина нискостеблеста шума. - Имавме дојава за пожар на три локации во пехчевско. Според кажувањата на мештаните се работи за локациите Пражево, Слатино и Буковик. Пожарите зафатиле смрекова, борова и букова шума како и нискостеблеста шума и сува трева, информира Ајтовски. Додава дека иако се уште е забележлив чад, пожарите се локализирани и екипа на ТППЕ од Берово заради сигурност на теренот ќе остане во обиколка. - Во гаснењето на пожарот учествувавме со едно теренско противпожарно возило, а голема помош во гаснењето ни пристигна од локалното население, како и од екипи на шумско стопанство Равна Река од Пехчево. Остануваме на терен во текот на ноќта, а проверка на теренот ќе се врши и во текот на утринските часови, информира Ајтовски. Пожарите се пријавени до надлежните органи, а истрага за причините за нивна појава е најавена за утре.



Автор: Администратор
Објавено на: 16/10/2018 18:48