„Мултикултура, мултилингвализам и интеркултурализам“ е насловен меѓународниот научен семинар кој денеска го организира Универзитетот „Мајка Тереза“ во Скопје.
Министерот за обрааование и наука Арбер Адеми рече дека МОН поддржува секакви активности кои придонесуваат во негувањето на овие вредности особено, рече, во нашето мултикултурно општество.
- Бидејќи силно веруваме дека ако сакаме сплотеност и единство, треба да се научиме да живееме во една заедница со другите кои се различни од нас. Тоа е доблест, тоа е предност и е основа на целокупниот општествен напредок, истакна министерот за образование, додавајќи дека ваков настан е добредојден за да се слушнат гледиштата на академската заедница околу ова важно прашање.
Министерот за култура Асаф Адеми подвлече дека се работи за вредности кои се својствени за државите од Европската Унија.
- Ние, граѓаните на Република Македонија, научени сме да живееме еден покрај друг и најмалку сме билингвални. Затоа, ги охрабрувам сите институции, а особено универзитетите, да организираат вакви конференции каде што ќе дојдеме до конкретни заклучоци, рече министерот за култура.
Според академик Луан Старова, кој е меѓу говорниците на семинарот, мултикултурата и повеќејазичноста како категории со универзално значење се вредности кои произлегуваат од толеранцијата.
- Мојата клучна теза е дека меѓуверската толеранција, која постои од дамнина кај Албанците, е фактор за нивно преживување во контекстот на градење добри односи на соживот со населенијата со кои или покрај кои тие живеат. За тоа има примери од минатото кои се позитивни и гледаат кон иднината. Мултикултурата и мултилингвалноста се повеќе се наложуваат во овој свет на доминација на мондијализацијата, каде што секојдневно се бришат разликите. Меѓутоа, за многу народи, како и кај нас, тие разлики се животворни и имаат значење на код што опстојува со векови, истакна Старова.
Ректорот на Универзитетот „Мајка Тереза“ Азиз Положани изјави дека имаат девет излагачи на еднодневната конференција, чија цел е да ги афирмира овие традиционалните вредности кои, рече, во глобализацијата добиваат други димензии.
- Сакаме оваа прва конференција да стане традиционална и низ академски пристап да ги афирмираме овие вредности меѓу младите, но и пошироко. Предавачите што учествуваат од различни аспекти ќе ги разгледаат овие прашања - не само историскиот контекст, туку и новите предизвици кои се пред нас во однос на мултикултурализмот, мултилингвизмот и интеркултурата како една многу суштествена работа во развојот на малите народи, рече Положани.